Семејно насилство: Од ќотек до пресуда поминале шест години, насилникот одамна е во бегство

Oтворено останува колку жртвата се чувствува безбедна и заштитена знаејќи дека сторителот на семејно насилство е на слобода, дотолку повеќе што од моментот на пријавување во МВР до моментот на изрекување на една пресуда за семејно насилство, понекогаш поминуваат години. Во тие години, сторителот на семејно насилство може да избега, да го повтори делото, а понекогаш и жртвата се откажува од гонење

Фото: Мета.мк, изработено во Canva

Најголемиот број казни што сторителите на семејно насилство ги добиваат во Основниот кривичен суд во Скопје се условни, што практично значи дека лицата кои вршат семејно насилство остануваат на слобода, под услов да не сторат ново кривично дело во одреден период.

Според податоците што ги обезбеди Мета.мк, од 2020 година до мај годинава, дури 198 лица добиле условни казни при вршење семејно насилство, а 88 биле осудени на затворска казна.

Па така на пример, условна казна добива маж кој на 11 јануари минатата година, од 8 часот наутро до 6 часот попладнето, додека бил пијан, ја тепал неговата сопруга, се заканувал дека ќе ја убие и ја навредувал.

„Тој со тупаници ја удирал по главата и телото, па ѝ ставил перница врз лицето, сакајќи да ја задуши додека ѝ кажувал „до вечер нема да бидеш жива“, се вели во пресудата на Основниот кривичен суд Скопје.

Хоророт продолжува кога тој ја фрла на земја и го пали тепихот, а жената се обидува да го изгасне. Откако продолжува да конзумира алкохол, тој заспива, а жената му го вади телефонот од џеб и вика полиција.

Само 5 дена подоцна, сопругот е повторно под дејство на алкохол, се заканува дека ќе ја убие жената, а таа сака да го повика нејзиниот син, по што сопругот ѝ вели дека доколку го викне, прво ќе го убие него, а потоа и неа. Жената сепак успева да го исконтактира нејзиниот син кој се јавува во полиција.

Обвинетиот добива условна казна, односно, како што пишува во пресудата, на насилникот „му се одредува казна затвор во траење од една година која нема да се изврши, доколку обвинетиот во рок од три години од денот на пресудата не стори ново кривично дело“.

Во Kривичниот законик постојат услови кои треба да бидат исполнети за на одредено лице му се изрече условна осуда. Условна осуда може да се изрече доколку на сторителот му е утврдена казна затвор во траење до две години или парична казна. Судот при донесување на одлука за изрекување на условна осуда посебно ги зема предвид личноста на сторителот, неговиот поранешен живот, неговото однесување по извршеното кривично дело, степенот на кривична одговорност и другите околности под кои е сторено кривичното дело, објаснуваат за Мета.мк од Македонското здружение на млади правници.

Кривичните постапки кои Здружението на млади правници ги презело преку активностите за заштита на жртви на насилни кривични дела, сите завршиле со донесување на условни осуди со различно времетраење на условната осуда.

 

Во моментов 45 сторители на семејно насилство се под надзор во Секторот за пробација

Фото: Мета.мк

Она што е поразлично, а според експертите и поефикасно од условните казни, се „условни казни со заштитен надзор“. Пробацијата, која во земјава поредовно почнува да се применува од 2019 година е стручна служба во Управата за извршување санкциите која врши надзор на алтернативните мерки и условниот отпуст со заштитен надзор и врши проценка на ризикот на обвинитетите во текот на судската постапка.

Од 2020 до мај 2024 година, во Основниот кривичен суд биле изречени 58 условни осуди со заштитен надзор за дела поврзани со семејно насилство. Ова значи дека судијата проценил дека затворот бил престрога санкција, а условната казна „преблага“ санкција за насилникот.

Пробацијата има повеќе значајни предности, најпрво во смисла дека се поекономични и придонесуваат за намалување на трошоците на затворите преку намалување на затворската популација што пак од друга страна им овозможува на вработените во затворите подобро да се концентрираат на процеот на ресоцијализација и социјална реинтеграција на лицата кои издржуваат казна затвор за посериозни кривични дела, велат од Секторот за пробација при Управата за извршување на санкциите.

Пробациските службеници помагаат да се намали криминалното влијание врз сторителите на лесни престапи од страна на сторителите на кривични дела со висок ризик во затворот. Најважно е, велат од секторот, дека мерките за кои е надлежна пробацијата се извршуваат во заедницата, притоа почитувајќи го достоинството на осудените лица, овозможувајќи одржување на семејните врски, задржување на работното место и спречување на стигматизацијата“.

Фото: Мета.мк

Мета.мк беше во посета на пробациската канцеларија во Основниот кривичен суд во Скопје, со цел да имаме поголем увид што всушност значи пробацијата и како функционира.

Во Скопје работат 8 пробациски службеници, а на ниво на држава се 28. Станува збор за лица кои се правници, психолози и социјални работници обучени согласно меѓународните стандарди.

Во моментов, тие имаат 604 активни предмети. Од нив, 45 се однесуваат на сторители на семејно насилство, од кои 24 се од Скопје.

Фото: Мета.мк

Ова практично значи дека ако лицето е осудено за семејно насилство со условна казна под надзор, судот може да му изрече тој да посетува програма на работа со осуденици за кривични дела поврзани со семејно насилство во Првиот семеен центар кој е раководен од невладината организација ХЕРА, да му забрани употреба на алкохол и дрога, да го упати на лекување или социјална рехабилитација во соодветна специјализирана установа и сл.

Сиот овој процес го следат пробациските службеници и доколку увидат дека сторителот на семејно насилство не се придржува до препораките, можат да го известат судот, кој пак може да му ја отповика условната казна и да ја активира затворската.

Дел од нив кои не се адекватни за подложување на овој третман (зависници, лица кои немаат интелектуален капацитет за следење на програмата за третман, лица со психички проблеми) ги упатуваме во здравствени установи кај психолог или психијатар. Стручните лица од ХЕРА – Прв семеен центар или од здравствените установи на определено време ја известуваат пробациската служба за текот на спроведување на третманот или лекувањето, односно исполнување на обврските. Пробациските службеници на четири месеци (доколку надзорот е со траење од една година) или на шест месеци (кога надзорот е со траење над една година) до судот доставуваат извештај за текот на исполнувањето на обврските од страна на осуденото лице, објаснуваат пробациските службеници.

Досега, за ниту едно лице осудено за семејно насилство не е е отповикана условната казна и заменета со затворска.

Ова укажува дека надзорот над овие лица успешно се спроведува. Тоа значи дека мерките на помош, грижа и заштита кои ги преземаме за лицето да ги исполни обврските кои му ги определил судот со цел негова ресоцијализација и социјална реинтеграција, односно спречување на рецидивизмот, се ефикасни и затоа пробацијата треба почесто да се применува за сите категории на сторители на кривични дела, велат од Секторот за пробација за Мета.мк.

Насилникот бега од државата додека да го стигне правдата

Сепак, отворено останува прашањето, колку жртвата се чувствува безбедна и заштитена знаејќи дека сторителот на семејно насилство е на слобода, дотолку повеќе што од моментот на пријавување во МВР до моментот на изрекување на една пресуда за семејно насилство, понекогаш поминуваат години.

Во тие години, сторителот на семејно насилство може да избега, да го повтори делото, понекогаш жртвата поради страв се откажува од гонење и постапката се запира, а има и случаи дури кога двајцата, насилникот и жртвата, во меѓувреме се помируваат.

На пример, во еден од случаите на судската пракса, речиси шест години, од 2017 година до 2022 година трае постапката од моментот кога сопруга го пријавува својот сопруг за насилство до моментот кога тој е осуден.

Во февруари 2017 година, жената со своите две малолетни ќерки се враќа во домот на родителите каде се присутни нејзиниот татко и брат, бидејќи е уплашена дека сопругот ќе ја тепа.

Но, во домот ја пресретнува сопругот кој ѝ наредува да се врати дома, а таа одбива. Тогаш мажот вади револвер “EKOL Viper”, го вперува во воздух и извикува „Сакате ли никој да не излезе жив од тука“, пред нивните две малолетни деца. Мажот бил под дејство на алкохол, а случајот бил пријавен во полиција.

Жената пред обвинителството дава исказ дека мажот „постојано ја малтретирал психички и физички, ѝ вперувал пиштол и ѝ се заканувал и при тоа конзумирал алкохол и наркотични средства, а имал и пиштоли во домот“. Тој и претходно бил осудуван за кривични дела.

Пресудата за него се носи во декември 2022 година, речиси шест години по поднесувањето на пријавата. Мажот е веќе во бегство, а нему му се утврдува условна казна од 2 години затвор, која нема да се одлежи доколку обвинетиот во рок од 5 години не стори друго кривично дело.

Судот изрекува и заштитен надзор на условната осуда и му одредува разни обврски како „Извршување на обврските за издржување на семејството, подигање на децата и други семејни обврски“, „непосетување на одредени видови локали или други места каде што се точи алкохолен пијалак или се игра на среќа“, „забрана на употреба на алкохолни пијалаци, дроги и други психитропни супстанции“, „користење на слободното време според оцена на надлежниот орган согласно закон“ и „одбегнување и недружење со лица кои негативно влијаат врз истиот“.

Судот цени дека во конкретниот случај не е неопходно спрема обвинетиот да биде изречена ефективна казна затвор, бидејќи изрекувањето и извршувањето на најстрогата кривична санкција не значи и постигнување на најдобри резултати во ресоцијализацијата на обвинетиот. Судот наоѓа дека со примена на условна осуда со заштитен надзор, ќе се постигнат целите на казнувањето и позитивно ќе се влијае на обвинетиот од повеќе аспекти, а воедно примената на овој вид кривична санкција нема да има негативни последици врз личноста на обвинетиот и потребите за остварување на процесот на негова ресоцијализација, се вели во пресудата.

Но, со оглед на тоа што мажот е во бегство, тој не може да ги извршува зададените пробациски мерки. Оттаму, неизбежно е прашањето, каде потфрла системот со оглед на тоа што бројките на пријави за семејно насилство е во пораст, а не сите сторители се казнети согласно законите.

Иако ја имаме усвоено Истанбулската конвенција за спречување и борба против насилството, неодамнешните извештаи на Европската комисија укажуваат дека сè уште немаме соодветно спроведување, дел поради недостиг на ефективни оперативни процедури и програми, дел поради недостиг на финансирање.
За жал, кај нас сè уште постојат места каде што институциите не ја препознаваат сериозноста и различните форми на насилство, па дури и случаеви каде што институциите не постапуваат (соодветно) по пријавите, за што говорат трагичните настани во изминатиот период, вели за Мета.мк Стефанија Сердарска од невладината ХЕРА.

Таа додава дека постои потреба од континуирана едукација и зајакнување на капацитетите на стручните лица, а санкциите треба да бидат само дел од сеопфатниот пристап кој вклучува и превенција на насилството, континуирана и мултисекторска комуникација и следење на изречените санкции, и уште поважно – рехабилитација и работа со сторителите.

Самото санкционирање не носи промени во однос на наученото насилно однесување и негова корекција, а со тоа, и не го превенира понатамошното насилство, додава Сердарска.

(Продолжува)