Што рекоа за фијаското на преговорите во Брисел

Преговорите кои траеа повеќе од 12 часа во Брисел помеѓу лидерите на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и на ДПА, Никола Груевски, Зоран Заев, Али Ахмети и Мендух Тачи, пропаднаа.

И СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се обвинуваат за уривање на преговорите.

Еве ги на едно место изјавите на засегнатите страни:

Никола Груевски:

Заев не дојде да се договори. Тој дојде за да не се договори. Човекот се плаши од избори. Тој знае дека на наредните избори ќе доживее фијаско и најтежок пораз на СДСМ во неговата историја. Тој сака да не се појави на избори и колку што може поголема штета да ѝ направи на државата – да се запре отворањето нови работни места, верувајќи дека во еден таков хаос што ќе го предизвика, тој и СДСМ ќе можат нешто политички да добијат. Не сака ни договор, ни избори, само правење економска штета на Македонија. Брифинзите што ги пуштаа, интервјуата што ги даваше укажуваа дека ќе оди на таква варијанта за да не дојде до договор. Затоа што ако дојде до договор, тој треба да се појави на избори, пред народот. Да беа точни тие шпекулации, меѓу кои и оваа за техничка влада, вечерва ќе имавме договор. Зошто немаме договор? Затоа што сите шпекулации кои ги добивавте од страна на СДСМ беа неточни.

Зоран Заев:

Се надевам дека денеска им стана малку повеќе јасно на нашите европски пријатели, кои вложија огромни напори, и дека разбраа како да се вратиме во нормала. Да ги подготвиме изборите да бидат регуларни и фер и истовремено да ги вратиме во нормала институциите, бидејќи само така имаме шанси да напредуваме кон ЕУ и кон НАТО. Тоа со Груевски не е возможно. Не може човекот кој е главен во проблемот да биде и решение за проблемот. Избори со Груевски не можат да бидат фер. Оставаме шанса разговорите да продолжат. Тоа ги најави и комесарот Хан. Паралелно ќе има и други активности за да им докажаме на сите дека нашите барања се правични. Не се тоа суети на опозицијата. Тоа се гаранции за Македонија за да се создадат услови за фер избори и да се вратат корективите во опшеството.

СДСМ:

Не е задоволен условот за суштинското прашање околу отворањето преговори и организирање влада што нема да ја предводи Никола Груевски. Неразумно и нелогично е креаторот на политичката криза, Никола Груевски, да остане да раководи со владата што треба да организира и да спроведе предвремени парламентарни избори. Груевски беше подготвен да даде сè и да направи сè, само да ја сочува својата фотелја. Претседателот Заев и делегацијата на СДСМ останаа доследни на принципиелната позиција, што е став и на граѓаните на Република Македонија. Нема пазарење со слободата и со демократските вредности што ги заслужуваат граѓаните на Македонија, како и нивните сограѓани од Европа. Никола Груевски мора да се повлече.

Јоханес Хан:

Разговорите беа отворени и детаљни, но не доведоа до конечен договор. Европската унија ги поттикнува сите страни – во интерес на нивната земја и нејзините граѓани – без одложувања да дојдат до траен политички компромис и да излезат со конкретни предлози за таквата цел, темелејќи се на спогодбата постигната на 2 јуни во Скопје. Реформските заложби содржани во неа, на кои сите партиски лидери се обврзаа, мора да бидат спроведени како работа од голема итност. Тоа е неопходно за земјата да постигне напредок на евроатлантскиот пат. Европската комисија сега ќе разгледува како би можела најдобро да придонесе за политичкиот процес во земјата и останува подготвена за потпомагање на дискусиите.

Хан на Твитер:

1. Разочаран сум од немањето чувство за одговорност и од недостигот од лидерство.

2. Граѓаните заслужуваат: демократија, владеење на правото и европска иднина.