„Сејф џурналистс“: За нападот врз новинарот Јанески информирани се сите домашни и меѓународни институции

„Секој напад врз новинари е напад врз јавниот интерес, демократијата и правата на сите граѓани“, стои во соопштението од „Сејф џурналистс“

Фото: Весна Лалиќ

Мрежата „Сејф џурналистс“ („Safe Journalists“), која е сочинета од повеќе од 8.200 медиумски професионалци од Западен Балкан, ќе ги информира сите релевантни национални и меѓународни засегнати страни за случајот во кој беше вербално нападнат новинарот Огнен Јанески од ТВ24. Со реакција за случајот се јави и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, од каде ги осудија вербалните закани упатени кон сите новинари и медиумски работници.

„Секој напад врз новинари е напад врз јавниот интерес, демократијата и правата на сите граѓани“, стои во соопштението од „Сејф џурналистс“.

На 27 јуни во две телевизиски емисии во живо, од непознат гледач Јанески доби јавни закани за насилство. Поконкретно, за време на емисијата „Во тек“, која е од ТВ формат, анонимен гледач се заканувал дека ќе ги претепа сите новинари од телевизиите, претставувајќи говор на омраза кон целата новинарска професија, медиумските работници и воопшто телевизиите.

Истото лице преку дополнителен повик во попладневната емисија „Очи в Очи“ вербално му се заканил на Јанески со зборовите: „А тие што ќе те повикаат и ќе те поддржат, ќе те кренат до небо, ќе те урнат“. Повторно истите. Ви благодарам за тужбата што ќе ја поднесете против мене. И ќе се сретнеме на друго место, каде што живееш“, чин што ја загрозува неговата безбедност.

Младен Чадиковски, претседателот на ЗНМ вели дека овие коментари можат да предизвикаат страв кај новинарите и медиумските работници и да ја загрозат нивната безбедност со поттикнување насилство.

„Време е да се сфати сериозноста на ваквите вербални напади и да се стави крај на недозволеното однесување кон медиумските работници“, потенцира Чадиковски.

Од АВМУ пак, оценуваат дека сите форми на напади врз новинарите се апсолутно неприфатливи и претставуваат директен напад врз демократијата и слободата на говорот во едно општество.

„Медиумите се чувари на јавниот интерес и креатори на јавната свест поради што безбедноста на медиумските работници во ниту еден момент не смее да биде загрозена. Агенцијата како многупати досега, апелира да се почитува достоинството на медиумските работници и да се овозможат услови за професионална работа на медиумите“, велат во АВМУ.