Се зголемува трговската размена со Унгарија

Министерот за економија, Беким Незири, денеска беше домаќин на делегација од Унгарија, која ја предводеше државниот секретар за економска дипломатија, Левенте Маѓар.

Министерот Незири истакна дека одржувањето редовни седници е вистинскиот начин за континуирано унапредување на економската соработка и на трговската размена меѓу двете земји, која во 2014 година достигна пораст од околу 60 отсто, споредено со претходните години, и обем од 102 милиони долари.

– Состојбата со билатералната трговска размена, според нашите статистички податоци, покажува дека извозот од Македонија за првите пет месеци оваа година се зголеми за 63 проценти во однос на истиот период во 2014 година, увозот од Унгарија има пад од 58 проценти во однос на истиот период во 2014 година. Задачата на Мешовитиот комитет треба да биде во насока да се најде начин размената што повеќе да се зголемува и да се надмине состојбата со пад на унгарскиот увоз во Македонија – рече министерот Незири.

Незири и Маѓар се согласија дека позитивен сигнал за понатамошно продлабочување на економската соработка е одржувањето на третата седница на Мешовитата македонско-унгарска комисија, која ќе се оддржи до крајот на 2015 година, според Договорот за економска соработка.