Се подготвува теренот кај УКИМ за изградба на два факултети во барокен стил

Градежните екипи го подготвуваат теренот кај Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) за изградба на Факултет за физичка култура и Факултет за информатички науки и компјутерско инжинерстви (ФИНКИ) кои според планот за градба, предвидени се да бидат во барокен стил.

За таа цел, исечени се дрвја, уништено е зеленилото и се поставува лимена ограда.

Од „Студентски пленум“ велат дека одлуката за изградба на овие две нови факултетски згради е проблематична од повеќе аспекти.

– Според наши сознанија, Сенатот воопшто не донел одлука за градење нови објекти кај кампусот на УКИМ. Со тоа сметаме дека наметнатата одлука за изградба на овие објекти е упад во универзитетската автономија. Второ, проблематична е и локацијата бидејќи самиот кампус има проблеми со бројот на студенти. Ако се додадат и студентите во двете нови згради, би се влошила сообраќајната состојба и би се уништил голем дел од зелената површина и дрвјата околу факултетите – изјави Орхан Сулејмани од „Студентски пленум“.

Според него, проблематичен е и изборот на барокниот стил, кој не се вклопува со изграденото во кампусот.

– Не треба да се зборува за иронијата на градење факултет за информатичка технологија во барокен стил. Изборот на барок е голема навреда за студентите кои се движечка сила во државата – истакна Сулејмани.

Камен-темелниците на новите згради треба да се стават на 20 декември.