СДСМ: Владeењето на Груевски е најголемото антиреформско владеење во историјата на Македонија

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, како што се обврза пред граѓаните, ќе предводи реформска влада што ќе обезбеди достоинствен живот, правда и евроатлантски перспективи за граѓаните и за Република Македонија, велат од партијата.

„Ќе има реформи што ќе обезбедат повисоки плати и нови работни места, преку државна поддршка на домашните претпријатија. Ќе има редовни субвенции, повисоки и од 160 милиони евра. Ќе има реформи во правосудството преку реизбор според најдобрите европски практики. Ќе има независни и професионални институции и медиуми. Ќе бидат земени предвид сите забелешки во извештаите на Прибе и на Европската комисија и ќе бидат отворени евроатлантските интеграции на Македонија“, стои во соопштението на СДСМ.

Од партијата додаваат дека 11-годишното владеење на Никола Груевски донело само изолација, сиромаштија, масовно иселување на граѓаните, заробени институции, криминал и корупција и урнисан образовен и здравствен систем.

„Владeењето на Груевски и на неговите соработници е најголемото антиреформско владеење во историјата на Македонија. Секој проект, секоја мерка што тие ги спроведуваа беа на штета на граѓаните и на државата. Најголемата реформа на Никола Груевски и на неговите соработници беше тоа што во време на најголема сиромаштија, ВМРО-ДПМНЕ стана најбогата партија во Европа. Секоја таканаречена реформа на Груевски го зголемуваше неговото лично богатство, на неговите соработници и на фамилијата, а го правеше полош животот на сите други граѓани“, стои во соопштението.