СДСМ: Владата итно да ги исплати субвенциите на земјоделците

„Субвенциите не се добра волја на власта на Груевски, туку се обврска на државата кон земјоделците, загарантирана со закон. Затоа Владата го менува законот. Со тоа покажува дека нема намера да им помогне на земјоделците, туку има намера да се заштити од обврски кон нив и да ја пополни празната буџетска каса“, велат од СДСМ.

– За нивно добро, ќе им ги пребиела субвенциите што таа им ги должи, со долгови на земјоделците за закуп на земјиште, воден надомест, пашарина, јавни давачки. Прво, ако постојат земјоделци кои не ги намириле сметките, а притоа знаат дека без тоа не им се одобруваат нови субвенции, тоа значи дека власта признава дека противзаконски одобрувала субвенции? Ако не е така, тогаш кои долгови ќе ги пребива државата со неисплатените субвенции на земјоделците? – вели Татјана Прентовиќ, претседателка на Комисија за земјоделство на СДСМ.

Таа праша за која година ќе се кратат субвенциите за покривање на долговите кон државата.

– Дали за 2010 или за 2011, или за 2012, или за 2013 или, пак, за 2014 година, за којашто земјоделците немаат земено ниту денар? Ако се покриваат долговите со субвенциите од последната година, тогаш каде се парите за субвенции што им се должат за претходните години? – праша Прентовиќ.