Сарацин: Вратата на ЕУ е широко отворена како никогаш досега

Фото: Секретаријат за европски прашања

Францускиот предлог е можност за отпочнување на преговорите со ЕУ и претставува широко отворена врата како што не била досега, рече специјалниот претставник на Германија за Западен Балкан по средбата со вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ. Сарацин ја потврди посветеноста на Сојузната влада за проширувањето на Унијата со земјите од Западен Балкан, а ова е значаен чекор кој е од интерес и на ЕУ и на регионот.

 „Оваа Влада во изминатите денови навистина интензивно преговараше и компромисот кој што сега е на маса и како што јас го читам е вистински компромис во кој се земени во предвид барањата на македонската Влада и мислам дека тоа е знак дека Европа може да функционира тука“, рече Сарацин.

Сарацин потенцираше дека политиката на проширување и интеграцијата на Западен Балкан е клучна и за германската Сојузна Влада и затоа е многу важно овој процес со Северна Македонија да се заокружи и дека тоа е наш интерес, но и во интерес на Европската Унија.

Вицепремиерот Маричиќ посочи дека сме на чекор од историска можност за започнување на преговорите, без одлагања и со заштитен македонски јазик и идентитет.

„Сега, кога стигнавме до толку посакуваниот старт на преговори со Унијата, време е да го валоризиме нашиот труд и да ги запечатиме македонскиот јазик, македонскиот идентитет, македонската европска и просперитетна иднина. На чекор сме од историска можност за отпочнување на преговорите, без дополнителни одлагања, со заштитен македонски јазик и македонскиот идентитет, без никакви додавки“, рече вицепремиерот Маричиќ.

Маричиќ и Сарацин посочија и на акуелната ситуација во однос на руската агресија врз Украина, истакнувајќи дека треба европскиот континент да се обедини со цел да се зајакне геополитичката безбедност и да се затвори секаква можност за влијанија од други земји во регионот.