Руски борбен авион по грешка фрли бомба во сопствен град

Три лица се повредени, а оштетени се повеќе згради. Еден станбен блок бил евакуиран

Градот Белгород во Русија / kikiwis, CC BY 3.0 , via Wikimedia Commons

Министерството за одбрана на Русија соопшти дека руски борбен авион случајно го бомбардирал градот Белгород во близина на границата со Украина. Според официјални лица, експлозијата оставила голем кратер широк околу 20 метри во центарот на градот.

Би-би-си јавува дека три лица се повредени, а оштетени се повеќе згради. Еден станбен блок бил евакуиран.

Руското министерство рече дека ловецот-бомбардер Су-34 случајно ја пуштил бомбата.

На социјалните мрежи се објавуваат фотографии и видеа од станови оштетени од експлозијата, а еден автомобил завршил на покривот на локална продавница.

Белгород брои околу 370.000 жители и се наоѓа на околу 40 километри од границата со Украина.

Во меѓувреме, Укринформ објави дека во текот на изминатиот ден, руската армија извршила 75 напади врз повеќе градови и села во областа Запорижја – три воздушни напади, четири напади на летала, два ракетни и 66 артилериски напади. Како резултат на гранатирањето, убиена е една девојка, а уништени се повеќе цивилни објекти.

Според Укринформ, руските војници синоќа извршиле напади и во регионот Суми, при што немало жртви или материјална штета.

Повикувајќи се на новинската агенција „Кјодо“, „Гардијан“ пишува дека земјите од Г7 размислуваат за речиси целосна забрана за извоз во Русија. Вчера и „Блумберг“ објави дека САД и сојузниците разговарале за ваквата идеја пред самитот во Јапонија следниот месец.