Руралниот и развојот на локалната економија, цели на форумот „Лидерфест 2015“

Афирмација на работата на субјектите што се ангажирани во руралниот и во развојот на локалната економија е целта на дводневниот форум „Лидерфест 2015“, што денеска се одржува во Делчево.

– Лидер-мерката на ИПАРД е можност за руралните средини, преку подготовка и имплементација на проекти, да решаваат многу актуелни прашања во комуналната инфраструктура, но и да креираат нови работни места. Истовремено, таа овозможува да се направи силно партнерство помеѓу општините, граѓанските здруженија и бизнис-заедницата – изјави градоначалникот на Делчево, Дарко Шехтански.

Во рамките на форумот се одржа и презентација на шумски плодови, лековити билки, мед и други автентични производи што се карактеристични за пијанечко-малешевското поднебје.

Форумот утре продолжува со работа во Пехчево, а за учесниците и за гостите ќе биде организирана посета на туристичко-рекреативниот центар Равна Река.