Ристовска: Постапките на поединци не ги отсликуваат сите во СЈО, стоиме зад работата што досега е завршена

Фото: Архива на Мета

Специјалната јавна обвинителка Ленче Ристовска на денешната прес-конференција апелираше за побрзо расчистување на случајот „Рекет“, но и почитување на пресумпцијата на невиност.

Реакцијата следува откако вчера Основно јавно обвинителство отвори случај, во кој, поради поткуп и перење пари приведени се Бојан Јовановски – Боки 13 и Зоран Милевски – Кичеец, а на специјалната јавна обвинителка во оставка Катица Јанева ѝ беше одземен мобилниот телефон, за да се утврди евентуална поврзаност со Јовановски.

– Стоиме зад работата што досега е завршена, ве уверувам дека сите предмети по кои се постапува се професионално водени и не се загрозени постапките. Наш примарен интерес е зачувување на интегритетот на СЈО и секогаш сме постапувале на ниво на задачата за справување со криминалот. Внимателно го следиме сите случувања и сме подеднакво загрижени, но истовремено повикуваме да се почитува пресумпцијата на невиност. Сите ве уверувам дека дејствијата на поединци не ги отсликуваат сите во СЈО и не смее да ги доведат под прашање интегритетот и постапките кои се видени досега – истакна Ристoвска која не даде директни одговори на прашањата поврзани со Јанева, нагласувајќи дека има активна истрага и оти Обвинителството за организиран криминал и корупција е надлежно за овој случај.

Таа рече дека изјавата ја дава во име на сите обвинители Гаврил Бубевски, Љубомир Лапе, Лиле Стефанова, Артан Ајро, Елизабета Јосифовска и Трајче Пеливанов, како и Бурим Рустеми и Фатиме Фетаи кои се на одмор, вклучувајќи ја и целата стручна служба во СЈО.