Ревизорите откриле недоследности во работата на Стоматолошкиот клинички центар

Фото: Скриншот, Државен завод за ревизија

Државниот завод за ревизија денеска ги објави ревизорските извештаи од извршената ревизија во Универзитетскиот стоматолошки клинички центар. Ревизорите утврдиле дека несоодветно бил применуван Законот за јавни набавки, потоа, дека е нарушена независноста на единицата за внатрешна ревизија, пописот не е спроведен во целост, не е воспоставена евиденција на потрошувачката на залихи по организациони единици и пациенти, а не е воспоставена и не се донесени нормативи за количината на материјали кои се користат при давање на определена здравствена услуга.

„Со увид во сметководствената евиденција на Клиниката и преземените активности за вршење попис, ревизијата констатира дека не се утврдени и поблиску опишани состојбите за објектот во кој Клиниката ја врши својата дејност и не е извршен попис на патничките возила со кои располага Клиниката. Податоците во пописните листи не се внесуваат поединечно во парични вредности, а извештаите за попис на основни средства, ситен инвентар и материјали на залиха не содржат податоци за вредноста на утврдената состојба“, наведено е во извештајот.

Препораките на ревизорите се дека треба да се обезбеди организациска независност на одделението за внатрешна ревизија, целосно спроведување на редовниот годишен попис, воспоставување на целосна евиденција на потрошокот на залихи по пациенти и носење на нормативи за количините на материјали кои се користат при давање на определена здравствена услуга, како и доследно да се применуваат одредбите од Законот за јавните набавки.

Ревозорите откриле дека биле ангажирани 17 лица со договор за дело за работни места предвидени со Актот за систематизација на работните места, а од друга страна, во текот на 2020 година клиниката добила согласност за редовно вработување на 17 лица, при што осум од предвидените работни места се идентични со работните места за кои се ангажирани лица со договор на дело. Во врска со ова, ревизорите препорачуваат, ангажирањето лица со договор на дело да се врши согласно реалните потреби на Клиниката, имајќи го предвид бројот на редовно вработените лица и обемот на извршени здравствени услуги, како и преземањето на активности за доследно почитување на одредбите на Законот за јавните набавки.