„Разорачани сме што се откажаа концертите на Тејлор Свифт, но и благодарни што се откри опасноста“, сведочат Македонци од Виена

Надлежните тврдат дека целта на осомничените било да убијат што повеќе луѓе со ножеви и експлозиви кои сами ги направиле, пренесуваат австриските медиуми

Фотографија преземена со дозвола

Откако беа откажани три концерти на Тејлор Свифт во Виена поради потенцијален терористички напад, надлежните уапсиле тројца осомниличени меѓу кои и 19-годишник со потеклно од Македонија, и двајца малолетници на возраст од 17 и 15 години.

Надлежните тврдат дека целта било да убијат што повеќе луѓе со ножеви и експлозиви кои сами ги направиле, пренесуваат австриските медиуми.

Германскиот министер за внатрешни работи Герхард Карнер објави дека ситуацијата е сериозна, но и дека е спречена трагедија.

Главниот осомничен е деветнаесетгодишник чии родители се од Северна Македонија, и бил уапсен во Терница, јужно од Виена, а вториот, 17-годишен, е уапсен во главниот град.

Денес е уапсено и 15-годишно момче кое исто така било вклучено во планот за напад.

Виена пред денешниот концерт на Телјор Свифт / Фотографија преземена со дозвола

Франц Руф, директор за јавна безбедност во австриското Министерство за внатрешни работи, изјави дека 19-годишникот „положил заклетва на верност на Исламската држава“ и признал дека го планирал нападот.

Второосомничениот, 17-годишен австриски државјанин, чии родители се од Турција и Хрватска, бил уапсен од специјалните полициски сили во близина на стадионот на кој требаше да се одржат концертите вечерва, утре и во сабота. Пред неколку дена се вработил во компанија која дава услуги на концертни места.

Инспекторите изјавиле дека во неговиот дом пронашле обемен материјал поврзан со групите Исламска држава и Ал Каеда.

Осомничените планирале да искористат автомобил при нападот, но и ладни оружја.

Планираните напади биле фокусирани на областа околу стадионот Хапел. Целта била да се убијат луѓето надвор од стадионот, каде обично се собираат фанови кои не успеале да купат билет за концертот. На секоја од трите концертни вечери во Виена се очекувале до 20.000 луѓе околу стадионот.

„Препорачливо е да не носиме маички со Тејлор Свифт“

Голем број граѓани од Македонија купија карти и заминаа во Виена за да ги следат настапите на Тејлор Свифт. Дел од оние кои заминаа за Виена на концерт за Мета.мк сведочат дека вчера околу стадионот имало многу полиција, но не знаеле што се случува.

„На стадионот имаше премногу луѓе уште 24 часа пред концертот, имаше полиција, но не помисливме дека се случува нешто сериозно. Ние отидовме до таму за да купиме маички кои се произведени за турнејата. Разочарани сме што се откажа концертот, но истовремено сме благодарни што се откри опасноста“, сведочи 21-годишната Искра од Скопје.

Таа вели дека денеска градот е раздвижен и дека нема полиција, но биле советувани да не носат маички или друга облека на која ја има Тејлор Свифт, нејзини фотографии или слични обележја.

Шефот на виенската полиција изјави 65.000 луѓе требало да ги посетуваат концертите дневно.