Распишан конкурс за необјавено литературно дело

Конкурсот е отворен за сите полнолетни автори, а секој автор може да испрати најмногу две дела - раскази, поезија, дигитална фикција или мешани жанрови, напишани на македонски, албански или англиски јазик

Photo by Aaron Burden on Unsplash

Катедрата за креативно пишување при Универзитетот Американ колеџ Скопје во соработка со издавачката куќа „Арс Ламина“ распишаа конкурс за необјавено литературно дело, кој има за цел да поттикне писателски практики што ќе се истакнуваат со јазична и стилска оригиналност и со тематска актуелност.

Конкурсот е отворен за сите полнолетни автори, а секој автор може да испрати најмногу две дела – раскази, поезија, дигитална фикција или мешани жанрови, напишани на македонски, албански или англиски јазик.

Нема тематски или жанровски ограничувања, а должината на делото не смее да надминува 1.500 зборови.

Заинтересираните автори треба да ги испратат делата на [email protected] како приложен „ворд“ или „пдф“ документ, заедно со контакт информации – адреса и телефон.

Рокот за пријавување истекува на 23 август.

Ракописите ќе ги оценува петчлена комисија составена од Никола Маџиров, Арлинд Фаризи, Иван Додовски, Ивана Трајаноска и претставник на издавачката куќа „Арс Ламина“.

Комисијата ќе додели прво, второ и трето место, а наградените дела ќе бидат објавени на 12 септември.

Главната награда е стипендија во износ од 2.750 евра за целокупна школарина за првата мастер-програма по креативно пишување на Факултетот за странски јазици при Универзитетот Американ колеџ Скопје.