Промоција на книгата „Тупаници“ со присуство на писателот Пјетро Гроси во „Буква“

Фото: Издавачка куќа ИЛИ-ИЛИ

Во сабота, на 27 август, во кафе-книжарницата „Буква“ со почеток во 20 часот ќе се одржи промоцијата на книгата „Тупаници“ со присуство на италијанскиот писател Пјетро Гроси.

Промоторки на книгата ќе бидат Ирина Талеска и Катерина Сотирова, која воедно и ја преведе книгата на македонски јазик. Издавачката куќа ИЛИ-ИЛИ книгата ја издаде неодамна како 207. издание во едицијата „ПРОаЗА“. Преводот на книгата и гостувањето на авторот е дел од програмата „Креативна Европа“ на ЕУ.

Во книгата се раскажани со штеделив и моќен глас што потсетува на Хемингвеј, Селинџер и Остер, трите приказни на Гроси кои го истражуваат обредот на премин од детски во возрасни години, со кој секој од нас се соочил – и што значи да се биде човек во овие модерни времиња.

„Тупаници“, „Коњи“ и „Мајмун“ се три моќни приказни за полнолетството на момчињата кои се соочуваат со реалноста и се борат да останат живи во машкиот свет. Во „Тупаници“, тинејџ боксер-аматер за прв пат влегува во рингот и се наоѓа во судир со животот во сета негова мускулеста сила; во „Коњи“, двајцата браќа на прагот од зрелоста учат да ја играат машката игра на својствен, болен начин; а во „Мајмунот“, еден млад човек сфаќа дека за да останеме здрави и да преживееме на овој свет, треба да ги жртвуваме нашите детски соништа.

Пјетро Гроси, писател и преведувач, е роден 1978 година во Фиренца, a моментно живее и работи во Тоскана. Во 2006 година ja објави книгата „Тупаници“, која стигна до финалето на многу книжевни награди, вклучувајќи ги и престижните „Viareggio“ и „Strega“. Книгата ги освои наградите „Cocito Montà D’alba“, „Chiara“, „Fiesole Narrative“ за автори под 40 години, како и наградата „Pistoia del Ceppo“. Во 2010 година, англиската верзија на книгата насловена „Fists“, објавена од „Pushkin press“, беше финалист за наградата за странска литература која ја доделува „Independent“. Истата година авторот ја освои и „Campiello Europe Prize“.