Денеска излегува од печат дебитантската книга на поетесата Цветанка Атанасовска „Процвет”. Делото е дел од современата македонска книжевност – едиција „Книжевни Меридијани” и е добитник на наградата „Душата на Чаршијата”, на конкурсот распишан од издавачката куќа „Дата песнопој“ од Битола.
Цветанка Атанасовска е медицинска сестра по семејна и патронажна грижа и магистрант на спортски менаџмент. Таа е активист и волонтер во повеќе невладини организации. Автор и коавтор е на повеќе научно истражувачки трудови. Пишува поезија и кратки раскази. Нејзините поетски творби и раскази се објавени во антологии, книжевни списанија и интернет портали.
Рецензијата за поетската книга „Процвет” е напишана од Илија Мерковски, главен и одговорен уредник во „Дата песнопој“.
„Песните во стихозбирката поетесата ги врамила во четири циклуси исполнети со книжевни и стилски изградени композиции нешто што соодветствува на современите текови во поезијата. Таа нема време да опишува, присутно е само емотивното ткаење на версот, за поцелосно ослободување на трепетот преку кој се дава нова силна и цврста димензија на зборот. На преслапот е желбата за љубов, најсилна и вечна во потрагата на поетесата. Цветот не е само убавината, кој доаѓа од лабораторијата на поетесата, во него е естетската порака за димензијата на животот, чистотата на зборот, па и моќта за проследување на боите на животот“, вели тој.
Илустрацијата на корицата е направена од големиот хуманист и сликар, Живко Поповски-Цветин.
На страниците во книгата има уметнички дела, слики-масла на платно, насликани од хирургот д-р Јордан Невчев.
Мотото на Атанасовска гласи: „Ништо не ни припаѓа нам, само надежта којашто е сон на будните!“