Проект за МСУ избран од фонд за културно наследство за југоисточна Европа

Проектот цели да го направи скопскиот Музеј на современа уметност поинклузивен

Фото: Музеј на современа уметност - Скопје

Проектот „МСУ – Скопје ремек дела за сите“ е единствниот македонски проект избран во првиот повик за грантови од „Фондот за културно наследство на Хедли за Југоисточна Европа“ за 2024 година, преку „Балканската мрежа на музеи“ (BMN), од вкупно 46 пријавени проекти.

Во рамките на проектот за Музејот на современа уметност – Скопје (МСУ)  вклучени се организации и стручни лица на национално и регионално ниво. Креиран е концепт за спроведување најдобри практики во музеите, кои покажаа сериозни резултати за одржливост.

Членовите на стручната евалуациона комисија заклучија дека МСУ – Скопје е еден од водечките музеи во државата и затоа е од суштинско значење музејот да започне со трансформација во насока за подобра пристапност и инклузија.

Раководителот на проектот Бојана Јанева, кустос во Одделот за едукација и музејско водење, истакнува дека со овој проект МСУ – Скопје ќе добие стручна „Студија за пристапност“ од врвни советници во оваа област од земјава и регионот, обука на музејскиот кадар за начини на комуникација со различни ранливи групи, како и изработката реплики на дела за лица со оштетен вид.

„Во обид да добиеме повеќе искуствено знаење за иновативни пристапи и технологии во областа на пристапноста на музејот, минатата година, нашиот музеј започна месечна музејска обиколка наречена ‘Тури на инклузивност’. Турите ги реализиравме заедно со различни граѓански организации со попречености, за да добиеме повратни информации за проблемите со пристапноста. Оваа повратна информација многу ни помогна да ги идентификуваме клучните точки како да ја подобриме работата на МСУ, што беше иницијална точка за развивање на проектот „МСУ ремек-дела за сите“, вели Јанева.