Проблемите со загадувањето во Битола ќе се најдат на ѕид на срамот

Проблемите со загадувањето на воздухот, водата и на почвата во Битола, факти и фотографии, ќе се најдат на таканаречениот ѕид на срамот, инициран од граѓанското здружение „За нас се работи“.

Активистите чија цел е здрава животна средина и чист воздух за битолчани, овој месец почнаа со серија настани за информирање и за едуцирање на граѓаните, не само на тема екологија, туку и од проблематиката за вклученост на граѓаните во носење одлуки од локалната самоуправа.

– Ѕидот на срамот е планиран како своевидна средба со граѓаните, информирање за нивните права и обврски во делот на екологијата и за заштитата на животната средина. Затоа ги повикуваме и ги охрабруваме граѓаните да ни достават материјали што ја засегаат животната средина и екологијата, материјали кои би ги поставиле на тој т.н. ѕид на срамот, заедно со сугерирани решенија од граѓаните, како и помош од наша страна за актуелизација на проблемот – рече Иван Јерчиќ од здружението на граѓани „За нас се работи, кое лани двапати организираше масовни протести против аерозагадувањето во Битола.