Преговори за долгорочен украински безбедносен план на самитот на НАТО

Се очекува САД, Велика Британија, Франција и Германија да му дадат гаранции на Кијив за долгорочна безбедносна поддршка од типот на напредно вооружување, обука и воена помош

Фото: Укринформ

Зеленски денес ќе одржи серија билатерални средби со лидерите на НАТО, по заклучокот дека иднината на неговата земја зависи од алијансата, но отфрлен е неговиот повик за поставување временска рамка за членство, пренесува Гардијан.

Тој ќе им се придружи на лидерите на НАТО на вториот ден од нивниот самит во Вилнус за почетната сесија на советот на НАТО и Украина, тело формирано за да ги доградува односите меѓу Кијив и воената алијанса со 31 членка.

Зеленски ќе разговара и со претседателот на САД, Џо Бајден, за да побара повеќе оружје и муниција од САД и останатите членки на НАТО против руската инвазија.

Се очекува САД, Велика Британија, Франција и Германија да му дадат гаранции на Кијив за долгорочна безбедносна поддршка од типот на напредно вооружување, обука и воена помош, најверојатно скоро по завршувањето на самитот, велат официјални лица за странските медиуми.

Земјите членки на НАТО кажаа дека Украина може да се приклучи на воената алијанса „кога сојузниците ќе се договорат и ќе се исполнат условите“, откако Зеленски го критикуваше „апсурдното“ одложување на пристапувањето.

Лидерите на Г7 ќе ја потпишат декларацијата во среда во Вилнус на вториот ден од одбранбениот самит на НАТО, соопштува Би-би-си. 

„НАТО ќе ѝ даде на Украина безбедност – Украина ќе го направи сојузот посилен“, кажа Зеленски во Литванија.

Кијив прифаќа дека не може да се приклучи во НАТО додека војува со Русија, но сака да се приклучи што е можно поскоро по завршувањето на борбите.