Пратеници од ВЛЕН, ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ бараат законски да се ограничи oнлајн-коцкањето

Како што соопштуваат во ВЛЕН, нивните правни тимови се убедени дека одлуките за формирање на три нови компании за организирање интернет коцкање се целосно без законска основа

Фото: ВЛЕН

Пратеници од ВЛЕН, ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ денеска поднесоа барање за автентично
толкување на член 7, став (3) од Законот за игри на среќа и за забавните игри, за да добијат, како што велат, прецизно толкување, дали одлуката на претходната Влада и раководство на Државна лотарија за интернет коцкање има законска основа.

Како што соопштуваат во ВЛЕН, нивните правни тимови се убедени дека одлуките за формирање на три нови компании за организирање интернет коцкање се целосно без законска основа.

„Затоа, очекуваме Владата да го поткрепи ова наше правничко уверување со соодветно мислење, кое законодавно-правната комисија ќе го преточи во автентично толкување кое ќе овозможи затворање на интернет коцкањето веднаш“, се вели во соопштението.

Оттаму потсетуваат дека формирале работна група и очекуваат во разумен рок Владата да му предложи на Собранието нов закон за игри на среќа и забавни игри.

„Очекуваме тој закон да содржи низа одредби со кои сме сигурни дека бројот на постоечки објекти за коцкање ќе се намали минимум за половина“, се додава во соопштението од ВЛЕН.