Градежен отпад, стар мебел, а најмногу отпад од домаќинства е честа глетка на улицата „Петар Чауле“, се жалат дел од мештаните кои живеат таму.

На оваа улица која се наоѓа во стариот дел на градот покрај објекти за домување има и ресторани и други угостителски објекти па жителите со овој проблем особено се соочуваат во текот на туристичката сезона и поголемите зимски празници, кога градот е полн со домашни и странски туристи.

Граѓаните посочуваат и на проблемот што локалната самоуправа нема назначено места за депонирање на отпад во овој дел од градот, а најблиските контејнери се тие пред градската библиотека. Од ЈП „Охридски комуналец“ објаснуваат дека конфигурацијата на теренот е таква што нема можност за поставување контејнери, а и станува збор за улица каде има индивидуално стамбено домување, па нема оправданост за поставување вакви садови за отпад, а и самото возило кое го подига отпадот во стариот дел на градот нема таков систем за подигање контејнери. Но, од ова јавно претпријатие им нудат на граѓаните друго решение.

„Ние како јавно претпријатие години наназад нудиме преку сметката која граѓаните ја плаќаат да си набават канти со капак која во големамаера ќе го реши овој проблем, а и отпадот нема да биде расфрлан по улиците. Тоа ќе ги чини само дополнителни 80 ден. Месечно кои ќе ги плаќаат преку сметката, на рати една година, но услов е граѓаните да се редовни подмирувачи на долгот кон ова јавно претпријатие“ објаснува, Љупчо Грданоски-директор на ЈП „Охридски комуналец“.

Дел од жителите на улицата „Петар Чауле“ апелираат до надлежните да имаат слух за потребите на граѓаните и да пристапат кон решавање на проблемот со јавната хигиена во стариот дел на градот па предлагаат поставување контејнери/канти за комунален отпад на погодна локација, улицата „Петар Чауле“ да биде вклучена во редовното секојдневно чистење на центарот на градот од страна на комуналните служби, активна работа на терен од страна на комуналните инспектори и преземање мерки во насока на спречување депонирање големи количества отпад во центарот на градот од страна на физички и правни лица.

„Ние како јавно претпријатие имаме обврска да го подигаме отпадот двапати неделно, на „Петар Чауле“ не е случено да не се подигне отпадот во деновите кои се одредени а тоа е понеделник и четврток, а ако граѓаните го вадат отпадот во денови кога не е предвидено подигање со тоа треба да се позанимава комуналната инспекција,“ дециден е Грданоски.

Од ЈП „Охридски комуналец“ апелираат граѓаните да се посовесни, инспекторите поажурни, а доколку не се почитуваат законите да следуваат и казни. Само така ќе се создаде комунална култура и ќе се подигне свеста, а градот ќе биде чист. Доколку и понатаму некои од граѓаните го остваат опадот на улица жителите на „Петар Чауле“ велат дека ќе поднесат пријави до локалниот комунален инспекторат.