Повреден Доналд Трамп по истрели на митинг во Пенсилванија

Трамп беше преплавен од агенти на сцената на митингот откако се слушнаа истрелите. Тој се фати за увото, а на неговото лице можеше да се види крв

Фото: Принтскрин видео

Поранешниот претседател Доналд Трамп беше повреден по истрелите на почетокот на митингот во Батлер, Пенсилванија, вчеравечер.

Од Тајната служба, како што пренесе Си-Ен-Ен изјавија дека Трамп е безбеден и под заштитни мерки.

Трамп беше преплавен од агенти на сцената на митингот откако се слушнаа истрелите. Тој се фати за увото, а на неговото лице можеше да се види крв. Кратко после тоа, тој, опкружен со агенти, стана и ја крена тупаницата кон толпата.

Портпаролот на Доналд Трамп, Стивен Чеунг, рече дека поранешниот претседател „е добро“.

„Претседателот Трамп им се заблагодарува на органите на редот и на првите што реагираат за нивната брза акција за време на овој грозоморен чин. Тој е добро и е на преглед во локалната медицинска установа. Повеќе детали ќе следат“, се вели во соопштението на Чеунг.

Поранешниот претседател Џорџ В. Буш изјави дека е „благодарен“ што поранешниот претседател Доналд Трамп е безбеден.

„Лора и јас сме благодарни што претседателот Трамп е безбеден по кукавичкиот напад врз неговиот живот. Пофалби до мажите и до жените на Тајната служба за нивната брза реакција“, рече Буш во својата изјава.

Милијардерот Илон Маск по инцидентот објави дека го поддржува поранешниот претседател Доналд Трамп.

„Целосно го поддржувам претседателот Трамп и се надевам на негово брзо закрепнување“, напиша Маск на Твитер.

Лицето кое пукало на митингот на Доналд Трамп во Пенсилванија е „неутрализиран“, според повеќе извори на истрагата, пренесе Си-Ен-Ен.

Овој инцидент се случи по напорниот ден на изборната кампања и за Трамп и за претседателот Џо Бајден за претседателската трка во ноември годинава.