Повик за диџејска работилница „Жени зад пултот“

На оваа неформална школа, преку менторски процес од искусните диџеи Бојан Јанев (Соул кејс) и Дијана Димитриевска (Диа), учесничките ќе добијат увид во историја на диџејството, вовед во типови на опрема, поврзување и работа со грамофони

Фото: Тиииит! Инк

Во рамки на фестивалот за феминистичка култура и акција „Прво па женско“, организацијата „Тиииит! Инк.“ отвори повик за учество во диџејска работилница со наслов „Жени зад пултот“ за сите девојки, жени и не-бинарни луѓе кои имаат над 18 години и имаат интерес да научат како да настапат со самостоен диџеј сет.

„На оваа неформална школа, преку менторски процес од искусните диџеи Бојан Јанев (Соул кејс) и Дијана Димитриевска (Диа), учесничките ќе добијат увид во историја на диџејството, вовед во типови на опрема, поврзување и работа со грамофони и cdj-и, што да набавите, како да сортирате музика, како да миксате, да поставите диџеј сет и најважно – како да настапите самостојно со сопствен диџеј сет“, информираат од „Тиииит! Инк“.

Димитриевска е диџејка која веќе десет години е дел од клупската сцена. Јанев, пак, е диџеј и промотер од Скопје кој стои зад проектите „Oubli” и „Amok Radio”.

Работилницата започнува на 11 септември и трае еден месец (до 9 октомври). Повикот е отворен за девојки, жени и не-бинарни луѓе над 18 години. Местото за одржување на предавањата ќе биде соопштено со финално избраните кандидатки. Бројот на учеснички е ограничен на 10.

Целосниот повик и агендата можете да ги погледнете на официјалниот сајт на организацијата Тиииит! Инк. Пријавувањето се врши овде и трае до 3 септември.