Повеќе од 20.000 деца во земјава немаат здравствено осигурување

Дури 12 проценти од децата од 5 до 17 годишна возраст и 9 проценти од децата помлади од 5 години во С.Македонија се изложени на повеќедимензионална сиромаштија, соопшти претставничката на УНИЦЕФ во земјава, Патриција ДиЏовани

Фото: Image by billy cedeno from Pixabay

Студија на УНИЦЕФ покажува дека 12 проценти од децата од 5 до 17 годишна возраст и 9 проценти од децата помлади од 5 години во С.Македонија се изложени на повеќедимензионална сиромаштија.

Според студијата, децата Роми се значително поранливи – секое трето дете од ромската заедница е изложено на сиромаштија, а во општата популација тоа е случај кај секое деветто дете.

„Додека го изготвувавме профилот на децата што се во најголем ризик, ги идентификувавме и географски најранливите заедници во поглед на повеќедимензионална детска сиромаштија. Во два региона, Источниот и Југоисточниот, е најзастапена повеќедимензионалната сиромаштија, а полошкиот и скопскиот регион се исто така исклучително ранливи“, изјави претставничката на УНИЦЕФ, Патриција ДиЏовани, на настан на кој се зборуваше за спроведувањето на Европската детска гаранција во Северна Македонија.

Според неа, пристапот до здравствената грижа е предизвик бидејќи над 21.000 деца во земјата немаат здравствено осигурување, а дури и осигурените деца од домаќинства со ниски примања не се ослободени од партиципација за амбулантни лекови и медицински производи. Ефективноста на програмите за здравствена грижа за мајки и деца, како и програмите за вакцинација на децата, може значително да се подобрат, рече ДиЏовани.

„Иако пристапот до основно образование е бесплатен во Северна Македонија, власта допрва треба да обезбеди бесплатен оброк за сите ученици, и покрај заложбите за продолжување на траењето на секојдневните училишни активности на децата“.

Понатаму, трошоците за воншколски активности се само делумно покриени од општините, па децата од посиромашните семејства не можат целосно да се вклучат во воншколските активности, како што се искуственото учење, уметноста и спортовите.

Според заклучните согледувања на Комитетот за правата на детето (КПД) за Северна Македонија, објавени во 2022 година, власта треба и понатаму да ги зајакнува основните социјални услуги на локално ниво и да го приоретизира обезбедувањето социјални услуги според потребите на децата во ранливи ситуации, особено на децата Роми, децата-бегалци и децата-азиланти, и децата од семејства кои се соочуваат со сиромаштија, попреченост, социјална исклученост и стигма.

Во извештајот на ЕУ за земјата се забележува дека се потребни дополнителни заложби за системот на социјална заштита да стане поприемчив за децата врз основа на модел за обезбедување услуги фокусиран на детето, меѓу другото и со зајакнување на професионалниот развој и надзор во обезбедувањето квалитетни услуги за заштита на детето.

„За горенаведените предизвици е потребен системски пристап, за да обезбедиме ранливите деца да имаат ефективен пристап до основните социјални услуги, децата што се во најнезавидна положба да добиваат универзални, таргетирани или специјализирани услуги, и овие услуги да бидат соодветни и прифатливи за децата и нивните старатели и да им се обезбедени на начин на кој не се предизвикува стигматизација или дискриминација“, рече претставничката на УНИЦЕФ.

Имаме среќа во земјава што имаме наследено систем со карактеристики на социјална држава, кој обезбедувал исклучително широка палета универзални и бесплатни основни социјални услуги, додаде таа.

УНИЦЕФ ја поддржува меѓусекторската работна група што го изготвува националниот акциски план за детски права, со што ќе се осмислат мерки за спроведување на Европската детска гаранција во Северна Македонија.

Европската детска гаранција е механизам на ЕУ за спречување општествено исклучување на загрозените деца со тоа што им се гарантира пристап до низа клучни основни социјални услуги. Со детската гаранција треба да се осигури дека ранливите деца имаат пристап до квалитетни услуги, односно, да се определат минималните пакети на услуги за секоја група најранливи деца. Со гаранцијата, која е веќе спроведена во неколку европски држави, се воведуваат иновативни пристапи на националното буџетирање, планирање и развој на национални акциски планови за намалување на детската сиромаштија и справување со системските неповолности на особено ранливите деца.