Повеќе од 1.000 жртви поради жештината во Пакистан

Бројот на жртви на жешкиот бран што ги погоди градот Карачи и пакистанската покраина Синд, се зголеми на повеќе од 1.000 лица, соопштија денеска официјалните лица во Исламабад.

Најголем дел од жртвите се постари лица од сиромашни семејства од најголемиот град Карачи, во кој температурата последните денови надминува 45 Целзиусови степени.

Во борбата со екстремно високата температура учествува и војската, која поставила посебни центри за прва помош.

Повеќе од 1.000 луѓе се задржани во болница, а некои од нив се во критична состојба.

Покрај жештината, граѓаните на Карачи, град со 20 милиони жители, имаат проблеми со често снемување струја, поради што во повеќе населби се одржани протести.

Пакистанскиот премиер Наваз Шариф ги предупреди електроснабдувачите дека нема да толерира снемување струја за време на рамазанскиот едномесечен пост, кој почна неодамна.