Порталб: Во петок протестен марш за случајот „Монструм“, откако обвинителката Фетаи обвини 3 лица за „тероризам“

Семејствата на обвинетите во случајот „Монструм“, најавија протест во Скопје во петок во 13 часот, откако Обвинителството, на последното судско рочиште ги кажа завршните зборови и со тоа ги обвини дека се виновни за петкратното убиство кај Смилковското Езеро на 12 април 2012 година, со исклучок на Сами Љута, за кого го повлече обвинението во недостиг на докази, известува Порталб.мк.

Протестниот марш ќе почне кај паркот на Чаир и ќе заврши пред Јавното обвинителство Скопје.

„Почитувани браќа и сестри, пред неколку дена, обвинителката во случајот „Монструм“, која говори албански, Фатиме Фетаи, го заврши нејзиниот говор со обвинение дека обвинетите се виновни за петкратното убиство кај Смилковското Езеро, обвинувајќи ги дури и за терористички чин, покажувајќи лојалност на нејзиниот шеф Гордана Јанкулоска и на првата обвинителка, Гордана Гешкоска. „Аманетот на место!“, пишува претседателот на организациониот совет за случајот „Монструм“, Бедри Ајдари, на социјалната мрежа Фејсбук.

Tој ги повика сите граѓани да учествуваат на овој протест на мирен начин, почитувајќи ги анти-ковид мерките.

„Во мое лично име, како претседател на Организациониот совет за случајот „Монструм“ и на семејствата на затворените, ги повикуваме сите Албанци (без разлика на нивните политички убедувања) да не поддржат и да го кренеме гласот на народот за правда. Ве повикуваме да го подржите овој протест, секако придржувајќи се до протоколите за заштита од вирусот ковид–19, но и да бидеме претпазливи кон можните провокации. Правда и ништо друго!“, пишува Ајдари, потенцирајќи дека организатор на овој протест се тој и членовитe на семејствата на уапсените за овој случај.

Инаку, судењето за случајот „Монструм“ во Северна Македонија повторно предизвика бран на незадоволство во јавноста. Иако сè уште не завршил и се чека на последните зборови на судиите, барањето на обвинителството за доживотен затвор за 3 лица, е причина за повторното актуелизирање на протестите, после тензичните во 2014 година. За забуната и фрустрацијата да бидат уште поголеми во јавноста, освен адвокатот на обвинетите којшто вели дека се невини, дополнителен проблем претставува и изјавата на премиерот Зоран Заев. Тој додека беше во опозиција, изјави дека „невините се далеку од решетките“. Но, денес тој рече дека секогаш зборувал со резерви и дека органите за правда ќе одлучуваат.

При објавувањето на прислушуваните материјали, таканаречени „бомби“, на прашањата од новинарката на Порталб.мк на неколку седници, Заев одговараше дека тој ќе објави сѐ за овој случај, но тоа не го направи пред јавноста. Меѓутоа, подоцна, „бомбите“ ги достави во Специјалното Обвинителство, што се распадна после скандалот со главната обвинителка Катица Јанева, која се наоѓа во затвор поради корупција. Откако предметот беше вратен за повторно судење, случајот го презедоа обвинителите што беа вработени во ова обвинителство.

Во неделата, пред новинарите, Заев изјави дека за овој случај секогаш зборувал со резерва и дека очекувал органите за правда да го кажат последниот збор.

„Секогаш сум кажувал дека судот е тој што ќе го каже последниот збор. Секогаш кога сум одговарал на овие прашања, сум изразувал резервираност. Секогаш велев дека последниот збор треба да го имаат судските органи. Драго ми е што успеавме преку доставување на прислушуваните материјали да се овозможи повторно судење за судските процеси и преку кои ќе се открие вистината… Никогаш не сум спомнал друго лице како виновник за случајов. Секогаш сум одговарал за секој случај, секогаш сум го кажувал тоа што сум го мислел, но уште еднаш повторувам дека последниот збор го имаат органите за правда“, рече Заев.

На 3 февруари, одбраната ќе има завршни зборови, додека Судот треба да определи друг термин за изрекување на пресудата.

Алил Демири, браќата Африм и Агим Исмаиловиќ, Фејзи Хазири, Хаки Хазири и Сами Љута, во првото судење се осудени со доживотен затвор за случајот „Монструм“, под обвинението дека го извршиле петкратното убиство кај Смилковското Езеро.

Пресудата за шесте обвинети во случајот „Монструм“, налути многу граѓани и правници коишто сметаат дека немаше доволно докази за обвинетите да бидат прогласени виновни и да им се изрече доживотна казна. Овој случај предизвика голем одек во Македонија, особено кај населението од албанска припадност кои организираа масовни протести цел еден месец. Иако неколку пати во јавноста се појавија разногласија од лидерот на СДСМ, дека има прислушувани материјали за случајот „Монструм“, сепак од објавените „бомби“, за ова не објави ништо.

Врховниот суд на 24 ноември 2017 година донесе одлука предметот „Монструм“ да се отвори повторно, а осудените, Сами Љута, Хаки Азири, Агим Исмаиловиќ и Фејзи Азири да се пуштат од затвор под мерка на претпазливост, односно да не им биде дозволено да го напуштат градот Скопје и да се јавуваат кај службеното лице во Основниот Суд Скопје 1 секој вторник и петок во периодот од 12 до 14 часот.

Од овие четири лица, само Фејзи Азири е сè уште во затвор бидејќи се товари за уште еден друг случај, за кој му е изречена казна од 6 и пол години, односно за пукање во фармата „Белимбегово“.

Во моментов, во бегство се и двајцата обвинети Африм Исмаиловиќ и Алил Демири, кои се наоѓаат во Косово. Во текот на претходната година, Судот за злосторства во Приштина ги ослободи од затвор. Ослободителната пресуда од обвинението како невини, на двајцата осудени лица, коишто во Македонија се казнети со доживотна казна, дојде откако Судското тело на Судот во Приштина заклучи дека аргументите на Обвинителството во Македонија не држат место.

Африм Исмаиловиќ и Алил Демири беа уапсени во март 2013 година, во еден стан во улица „Мехмет Градица“ во Приштина, а пред обвинителството рекле дека престојувале под кирија во разни станови од времето кога избегале од Македонија во 2012 година. Становите ги барале и наоѓале преку интернет.

За истите нив, Министерството за правда покренало постапка за екстрадиција, но косовските власти сè уште не ги екстрадирале.