Фото: Арбнора Мемети

Општина Чаир ги разгледува можностите за преземање на понатамошни чекори во врска со проектот за енергетска ефикасност, односно реновирање на фасадите на зградите на територијата на оваа општина. Ова за „Порталб.мк“ го потврдија од општината.

„Во процес сме, разговараме околу ова прашање. Сè уште нема ништо ново. Ќе ве информираме благовремено“, велат од Општина Чаир.

Енергетската ефикасност беше едно од најистакнатите ветувања на актуелниот градоначалник на Чаир, Висар Ганиу, за време на последната изборна кампања за локални избори. Иако општината ја иницираше имплементацијата на овој проект, истиот стагнира.

Во 2018 година, Ганиу во својот едногодишен извештај на работа, го имаше поставено овој проект, за кој истакна дека: „Во соработка со организацијата Хабитат го започнавме проектот за енергетска ефикасност во објектите на колективно домување“.

Во декември истата година, Ганиу имаше состанок со куќните совети на некои од зградите во Бит Пазар, но не беше постигнат договор за реализација на проектот бидејќи жителите не ги прифатија условите што ги понуди општината.

Во меѓувреме, „Порталб.мк“ пред неколку дена, контактираше со некои жители на оваа општина, кои велат дека не чуле дека општината покренала ваков проект.

„Тоа беше предизборно ветување пред четири години, но никој не нè контактирал досега. Имавме ветување и одржавме состанок со одговорните на зградите за да ја искористиме можноста ако можеме да добиеме нешто. Не сме се сретнале со градоначалникот, само знам дека тоа беше предизборно ветување“, рече еден граѓанин за „Порталб.мк“.

Тие рекоа дека се заинтересирани за реализација на овој проект, но дека не доставиле барања до општините, бидејќи не биле информирани.

„Ние не сме информирани за овој проект. Не бевме информирани за ова во нашата зграда. Иако сме заинтересирани за обнова на фасадата затоа што имаме потреба, бидејќи дел од неа паѓа“, рече друг граѓанин.

Градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, за време на предизборната кампања вети дека ќе започнат со опремување на училиштата со енергетска ефикасност, како и 141 згради за кои е ветено дека ќе бидат опремени со енергетска ефикасност. Тој рече дека општината не учествува значително во тоа, но дека презедоа иницијатива за формирање куќни совети.