Поплавите се смируваат, ама донесоа одрони на патиштата

Надојдените води во кумановскиот регион, синоќа предизвикаа излевање на речните корита на Кумановка, Којнарка и на Пчиња, a водата поплави мал број домови на локалитетот Средорек, Проевце и Табановце.

Во општина Новаци, во текот на денешниот ден се работи на изведба на заштитен насип во село Логоварди, село Поешево и на оштетен насип на тринаесеттиот канал на вливот во Црна Река.

ТППЕ Битола работи на испумпување на вода во Новаци.

Во село Новаци се зајакнува заштитниот насип околу селото од десната страна на патот. Покрај месното население, присутни се и екипи од ДЗС. Нивото на водата кај село Новаци е намалено. Се следи состојбата со селата и ќе се градат насипи во селата Рибарци и Оптичари, каде се очекува зголемување на нивото на излеаните води.
Во општина Могила се дели вода за пиење на населението во селата: Чарлија, Мојно, Радобор и Ношпал.

На патниот правец Катланово – Велес, по наплатната станица Сопот, поради можен одрон, сообраќајот превентивно се одвива по една сообраќајна лента во должина од 200 метри. Поставена е соодветна сообраќајна сигнализација, информираат од АМСМ.

На патот Страцин – Крива Паланка, на излез од Страцин во правец на Крива Паланка, поради свлечиште, зафатена е третата лента од коловозот во должина од 150 метри. Поставена е соодветна сообраќајна сигнализација.

На патниот правец Кочани – Македонска Каменица, поради големи одрони од камења, сообраќајот е во целосен прекин за секаков вид моторни возила. Сообраќајот се пренасочува преку Виница – Пехчево – Делчево.

Поради голем одрон на патот Македонски Брод – Скопје, поточно Близанско – Козјак на 1,6 километри по браната, има забрана за сообраќај за секаков вид моторни возила.

Сообраќајот на патниот правец Марвинци – Гевгелија е во прекин поради излеана вода од река Вардар на подвозникот, а сообраќајот на патните правци Кочани – Зрновци и Тработивиште – Разловци е во прекин поради попуштање на мостовите на реката Брегалница. Алтернативен пат за Тработивиште е стариот пат Делчево – Тработивиште.

Во општина Пробиштип, поради свлечиште, и понатаму е во прекин сообраќајот за сите видови моторни возила на патниот правец Киселица – Злетово. Возилата се пренасочени од Киселица – Пробиштип – Леговец – Злетово.

На локалниот пат за село Покрајчево што го поврзува магистралниот пат А-4 Радовиш – Струмица, поради излевање на Радовишка Река, сообраќајот е во прекин и истиот се одвива преку Подареш – Радовиш.

Регионален патен правец од село Тополчани кон село Клепач, поради премногу вода, е во прекин за секаков вид сообраќај, а патот Битола – Старавина, 8 километри пред село Новаци, затворен е за сообраќај поради висок водостој.