fbpx

Немаме автопат, но на Коридорот 8 имаме повеќе возила отколку на Коридорот 10 [инфографик]

Просечниот годишен дневен сообраќај е еден од клучните индикатори кои укажуваат во кои патни правци треба да инвестира државата во претстојниот период. Патиштата со најголема просечна фреквенција на возила треба да имаат приоритет во инвестициите, наспроти оние каде бројот на автомобили, камиони и автобуси е помал

-

Изградбата на Коридорот 8 кон запад за Македонија во моментов е поисплатлива инвестиција од патниот Коридор 10. Податоците од автоматското и рачното броење на возилата на патните делници на овие два коридора што минуваат низ земјава покажуваат дека на патиштата од Скопје до македонско-албанската граница има поголема фреквенција на возила од патниот Коридор 10. Сепак, Македонија пред неколку години во целост ја заврши изведбата на автопатот од Табановце до Гевгелија, додека на Коридорот 8 во моментов се вози или по автопат преполн со дупки (Тетово-Гостивар) или воопшто нема автопат (Гостивар-Кичево-Охрид и Охрид-Струга-Ќафасан).

Мета.мк ги побара податоците од Јавното претпријатие за државни патишта за просечниот годишен дневен сообраќај (ПГДС) на македонските патишта во 2022 година. Токму ПГДС е еден од клучните индикатори кои укажуваат во кои патни правци треба да инвестира државата во претстојниот период. Патиштата со најголема просечна фреквенција на возила треба да имаат приоритет во инвестициите, наспроти оние каде бројот на автомобили, камиони и автобуси е помал.

Лани во Македонија најмногу возила имало на автопатот Тетово-Гостивар и на самите влезови пред главниот град. ПГДС меѓу Хиподром и Кадино на влезот во Скопје изнесувал 18.406 возила, додека меѓу Тетово и Гостивар во просек лани дневно сообраќале по 17.428 возила. И на скопската обиколница е регистрирана огромна фреквенција на возила, па така ПГДС меѓу клучките Стенковец и Сарај изнесувал 16.931 возило, а меѓу Миладиновци и Хиподром имало по 15.493 возила во едно деноноќие.

Исклучително висока фреквенција на возила во 2022 година е измерена и на автопатот Скопје-Тетово, па така меѓу Сарај и Групчин во просек дневно поминувале 15.744 возила, додека меѓу Групчин и Тетово 14.980 возила. Наспроти ова, на патниот Коридор 10 најфреквентен е автопатот меѓу Петровец и Велес, каде што лани биле измерени во просек по 10.795 возила дневно.

На сите делници јужно од Градско на автопатот што ја спојува земјава со Грција во 2022 година имало сообраќај во просек под 7.000 возила дневно, односно бројот на возила што сообраќале на овие делници е помал од сообраќајната фреквенција на патиштата меѓу Гостивар и Кичево или меѓу охридското село Требеништа и македонско-албанската граница кај Ќафасан.

Доколку се извлече просек од сите патни делници кои се лоцирани на Коридорот 8 кон Албанија, наспроти оние низ кои минува паневропскиот 10-ти коридор, произлегува дека Македонија во 2022 година имала поголема фреквенција на возила во правецот кон запад наспроти оската север-југ.

Притоа, некои делници на Коридорот 8 се наоѓаат во многу полоша состојба од автопатот меѓу Табановце и Гевгелија. Најгорлив е проблемот со она што се нарекува автопат меѓу Тетово и Гостивар, каде што максималната брзина на движење на поголемиот дел е ограничена на 80 километри на час. Оваа делница е преполна со дупки и нерамен брановиден асфалт, иако граѓаните за секое минување плаќаат патарина. Исклучително е опасна, бидејќи нема ниту помошна лента за застанување на возилата.

Исто така, броењето на возилата покажува дека македонските власти треба да обрнат исклучително внимание кон инвестициите и во неколку други патишта во земјава. Па така, просечниот дневен број возила на патот од Струга до Вевчани лани изнесувал 12.592 возила, додека на Струмица-Дабиље-Ново Село имало во просек по 11.640 возила дневно.

Огромен број возила во 2022 година е забележан и кај некои патишта во Скопскиот регион (Маџари-Катланово, Драчево-Сопиште-Говрлово) и во Полошкиот регион (Тетово-Теарце), при што на сите овие правци лани сообраќале во просек по над 8.000 возила дневно.

Податоците на ЈП за државни патишта покажуваат дека просечната фреквенција на возила лани на патот од клучката кај Стенковец до македонско-косовската граница кај Блаце бил 6.985 возила дневно, а речиси идентичен број на возила имало и на автопатот Миладиновци-Преод-Кадрифаково (ПГДС, 7009 возила).

Интересно е да се напомене и за фреквенцијата на возила на патниот Коридор 10д, па така меѓу Прилеп и Битола лани биле измерени во просек по 4.469 возила дневно, додека ПГДС на патот меѓу Росоман и Прилеп изнесувал 5.367 возила.

Кај главните патни правци, забележливо е дека патниот Коридор 8 кон Бугарија имал исклучително ниска фреквенција на сообраќај и во минатата година. Па така, меѓу кумановското село Коњаре и Страцин имало по 2.846 возила дневно, ПГДС меѓу Страцин и Крива Паланка изнесувал 2.694 возила, додека меѓу Крива Паланка и Деве Баир сообраќале во просек по 1.944 возила дневно.

Немаме прогноза за идната фреквенција на возила на Коридорите 8 и 10д

Освен достапните податоци за просечниот годишен дневен сообраќај за македонските патишта, од ЈП за државни патишта за Мета.мк информираат дека засега немаат направено проекција за очекуваната идна фреквенција на возила на автопатите што би се граделе на Коридорите 8 и 10д.

И покрај тоа што е најавена изградбата на четири автопатски делници од страна на американско-турскиот конзорциум „Бехтел-Енка“, од ЈП за државни патишта велат дека во оваа фаза не можат да кажат колку патарини и на кои локации би се граделе тие на автопатите Гостивар-Кичево, Требеништа-Струга-Ќафасан и Битола-Прилеп. Сепак, единствено што се знае е дека на идните автопати ќе има наплатни станици.

Наспроти големиот интерес кај јавноста во врска со изградбата на автопатите од „Бехтел-Енка“ периодов, од ЈП за државни патишта одговараат дека паралелно се работи и на довршување на градежните работи на веќе започнатите проекти. До крајот на годинава треба да заврши изведбата на автопатот Кичево-Охрид што го гради кинеската компанија „Синохидро“, додека најавената автопатска делница од Кичево до селото Букојчани во правец кон Гостивар ќе почне да се реализира на терен во 2024 година.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Ангеловска-Бежоска: Земјите од Западен Балкан годишно губат 18 отсто од БДП поради родовиот јаз на пазарот на труд

Последователните економски шокови изминатите години дополнително го отежнуваат намалувањето на родовата нееднаквост, поради нивното понеповолно влијание врз женската популација. Кај повеќето земји од регионот на Западен Балкан стапката на...