Полицијата со кривична пријава за сопственик на див отпад во населбата Даме Груев

Фото: Kelly on Pexels.com

СВР Скопје – Единицата за економски и компјутерски криминал поднела кривична пријава против И.Т.(43) од Скопје, кој имал див отпад на улицата Шарпланинска во скопската населба Даме Груев.

Полицијата го товари за „загрозување на животната средина и природата со отпад” по член 230 од Кривичниот законик.

Состојбата е утврдена уште пред повеќе од два и пол месеца, односно, како што соопшти МВР, на 5 октомври припадници на Единицата за економски и компјутерски криминал и инспектори од Државниот пазарен инспекторат и Државниот инспекторат за животна средина извршиле контрола во складот за собирање разни видови метален и други видови отпад.

Притоа, пријавениот бил затекнат како неовластено тргува со отпад, иако не бил регистриран во Централен регистар како физичко лице или како трговец поединец и не поседувал дозвола за вршење дејност за управување со отпад, каква што издава Министерството за животна средина и просторно планирање.