Почнува третото издание на Скопскиот поетски фестивал

Фестивалскиот ден ќе започе со неколку преднастани

Фото: Скопски поетски фестивал

Со поетското читање под наслов „Воздух. Ветер. Дишење.“ вечерва во 20 часот во киното „Фросина“, официјално започнува третиот Скопски поетски фестивал. На отворањето ќе настапат Санде Стојчевски, Лулзим Хазири, Моника Стојановска, Перица Сарџоски, Игор Трпчески, Николина Андова-Шопова, Дарија Јовановска, Драгослав Дедовиќ (Србија), Лана Деркач (Хрватска), Ален Брлек (Хрватска), Марам ал-Масри (Франција/Сирија), Имануел Мифсуд (Малта) и Мартин Глаз Серуп (Данска).

Читањето ќе биде придружено со музичка импровизација на дувачки инструменти. Ќе свират Перица Сарџоски, Владимир Мартиновски и Владимир Лукаш.

Фестивалскиот ден ќе започnе со неколку преднастани. Во градската библиотека „Браќа миладиновци“ ‒ Скопје со почеток во 11 часот ќе се одржи мастерклас, односно, работилница за креативно пишување поезија, што ќе ја одржи Имануел Мифсуд, поет и универзитетски професор од Малта.

Во 18 часот во Младинскиот културен центар ‒ Скопје, ќе се одржи читачката промоција на „Ново раѓање на зборот: антологија на младата македонска поезија“, приредена од Весна Мојсова-Чепишевска и Иван Антоновски, издание на ПНВ Публикации, на која ќе настапат дури триесетмина од застапените четириесет и два млади поети и поетеси.