Бугарскиот екс-премиер Бојко Борисов | Фото: Влада на Р. Бугарија

Бугарскиот премиер денеска побара смена на првиот човек на Државната Агенција за национална безбедност (ДАНС) по избивањето на скандалот со прислушувањето на 32-ца главно опозициски политичари и некои функционери во текот на предизборната кампања во Бугарија. Но, првиот човек на националната безбедност, како и доскорешниот премиер Бојко Борисов ваквиот потег го оквалификуваа како одмазда поради откривањето руски шпиони во Бугарија.

Техничкиот премиер на Бугарија Стефан Јанев денеска соопшти дека предложил смена на претседателот на ДАНС, известува бугарски „Медиапул“.

„Со своето однесување претседателот на ДАНС создаде преседан со којшто го наруши престижот на службата и создаде основа да се верува дека неговите дејствија се политички ориентирани“, изјави Јанев по денешната седница на техничката влада.

Техничката влада беше поставена на 12 мај од бугарскиот претседател Румен Радев, откако по парламентарните избори на 4 април дури три партии добиваа мандати да формираат влада, но безуспешно.

По изјавата на техничкиот премиер Стафан Јанев се огласија првиот човек на ДАНС, Димитар Георгиев, како и претседателот на политичката партија ГЕРБ и доскорешен премиер Бојко Борисов. Обајцата ваквиот потег на Јанев го оквалифидуваа како одмазда за тоа што наводно Георгиев открил руски шпиони во бугарското МВР, коишто соработувале со лица од амбасадата на Русија во Софија.

Од избивањето на скандалот со прислушувањето 32 политички личности, кон Георгиев многупати беа упатувани обвинувања дека не работи за државата, туку за ГЕРБ.

„Единствената причина за смена на шефовите на безбедносните служби е разоткривањето на шпионските мрежи на Русија. Од сега па натаму никој во Бугарија повеќе нема да разоткрива руски шпиони“, порача Бојко Борисов, обвинувајќи ја техничката влада за реваншизам.

И Димитар Георгиев смета дека една од причините за неговата смена е разоткривањето на шпионските мрежи на странски служби во Бугарија, пренесува „Медиапул“.

„Јас сум работел со пет влади. Од каде основа да се зборува дека сум политички обврзан? Според мене објаснувањето за тоа дека работите дојдто дотука е во тоа што сме дозволиле некакви грешки, од кои една се операциите за разоткривање шпионски мрежи, особено последните, поврзни со фаќањето на шпионите што работеа за Русија“, рече Георгиев.