По Имане Келиф, и боксерката Синди Нгамба неосновано се обвинува дека е маж

Таа е лезбeјка и не може да се врати дома затоа што хомосексуалноста е забранета во нејзината земја

Фото: Принтскрин видео

Боксерката Синди Нгамба е жена, а не маж како што сака да прикаже објавата. Нгамба е родена во Камерун и со семејството избегала во Велика Британија. Таа е лезбeјка и не може да се врати дома затоа што хомосексуалноста е забранета во нејзината земја, пишува Вистиномер. 

Текстот го пренесуваме во целост:

 

Анализираме објава на Фејсбук која споделува видео од една боксерка на Олимписките игри за која сугерира дека е машко, без притоа да понуди никакви докази за тврдењето.

Оп жица жица жица тресе ми се …, стои во објавата.

Станува збор за боксерката Синди Нгамба (25) која стана првата медалистка на Олимпискиот тим за бегалци во историјата кога ја обезбеди бронзата по поразот од Панамката, Атејна Бајлин во боксерското полуфинале до 75 килограми за жени.

Таа е жена, а не маж како што сака да прикаже објавата што ја анализираме.

Нгамба е родена во Камерун и со семејството избегала во Велика Британија. Таа е лезбeјка и не може да се врати дома затоа што хомосексуалноста е забранета во нејзината земја.

Синди Нгамба го напушти Камерун на 11-годишна возраст за да најде подобар живот во Велика Британија, но се соочи со одредени предизвици. Синди започна нов живот без нејзината мајка додека учеше нов јазик и беше малтретирана на училиште. Таа, исто така, беше на работ на депортација откако беше однесена во логор. Сексуалноста на Синди значи дека е небезбедно за неа да се врати во Камерун – една од 64-те национални држави признати од Обединетите нации, каде што е нелегално да се биде геј, и каде што многу членови на ЛГБТК+ заедницата се соочуваат со затвор или насилство, пишува Еуроспорт.

Никаде не најдовме вест дека Нгамба е маж, или пак, дека е трансродово лице.

Победата на Нгамба доаѓа откако женскиот бокс привлече интензивна контрола во последниве денови, бидејќи боксерките Лин Ју-тинг од Тајван и Имане Келиф од Алжир се соочија со интензивна онлајн злоупотреба, со коментари кои лажно ги опишуваа како трансродови или мажи. Двете боксерки ги добија своите борби овој викенд бидејќи ИОК ги поддржа двете жени и предупреди натпреварувањето да не се претвори во „лов на вештерки“.

За Имане Келиф пишуваше и Вистиномер. Натпреварувачката во бокс на Олимписките игри Имане Келиф од Алжир, не е биолошки маж. Станува збор за биолошка жена, која победи во мечот против Италијанката Ангела Карини после само 46 секунди. Имане Келиф е родена како жена и останува да биде жена. Промена на полот во Алжир е забранета.

Од сето погоре можеме да заклучиме дека Синди Нгамба не е маж, туку жена и поради тоа објавата што ја анализираме ја оценуваме како невистинита.