Писториус го предупреди Вучиќ дека патот кон ЕУ не води низ конфликт

Мора да биде јасно - насилството и заканите не се средство за политичка дискусија, никаде во светот, изјави Писториус во средата по средбата со Вучиќ во Белград

Фото: Soeren Stache/dpa

Германскиот министер за одбрана Борис Писториус го повика српскиот претседател Александар Вучиќ да помогне во намалувањето на новите тензии на Балканот и го предупреди него и другите актери во регионот, дека конфликтите не се патот кон Европската Унија, објави германската новинска агенција ДПА.

„Мораме да работиме заедно за да спречиме спирала на ескалација, кој и да ја води. Мораме да направиме сè за да спречиме загревање на тензиите. И мора да биде јасно – насилството и заканите не се средство за политичка дискусија, никаде во светот“, изјави Писториус во средата по средбата со Вучиќ во Белград.

Германскиот министер пред Белград ги посети Сараево и Приштина.

„Нема пат до Европската Унија преку конфликтот во овој регион“, ги предупреди тој Вучиќ и другите политичари од Западен Балкан.

Како што рече, со Вучиќ имал „многу продуктивен и отворен разговор“. Темите биле ситуацијата во Босна и актуелните сецесионистички тенденции на босанските Срби.

„Претпоставуваме дека Србија не поддржува никакви напори за отцепување, на пример во Република Српска, туку се залага за стабилноста на регионот и територијалниот интегритет на државата (БиХ)“, рече Писториус.

Вучиќ рече дека Србија е заинтересирана за стабилност и покрај различните позиции за Косово и други прашања.

„Србија никого нема да изненади со воени мерки“, рече Вучиќ и додаде дека неговиот збор вреди повеќе од кој било потпис.

Вучиќ истовремено истакна дека нема да дозволи ништо да му се наметнува, ниту од Вашингтон, ниту од Берлин, ниту пак од Москва.

Претходно во Сараево Писториус рече дека, доколку е потребно, треба да се зајакне воената безбедност на мирот во Босна и Херцеговина.

За време на турнејата на мисијата Еуфор Алтеа, тој ја повтори решеноста на сојузниците да го зачуваат суверенитетот и територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина.

„Во Србија и Република Српска во Босна и Херцеговина, Русија постојано наоѓа плодна почва за нејзините обиди да го дестабилизира регионот и да го прошири сопственото влијание, на пример преку кампањи за дезинформации и медиумско влијание“, предупреди германскиот министер.

„Тензиите во Западен Балкан бараат од нас да продолжиме со мерките за стабилизација и доколку е потребно, да ги зајакнеме во консултација со нашите локални партнери“, рече Писториус, алудирајќи на партнерите во НАТО и ЕУ.

Во моментов во Босна и Херцеговина има триесетина германски војници.