Пакистан: Масакр во автобус со владини службеници

Петнаесет лица загинаа, а 40 се повредени во експлозија на бомба во автобус кој превезувал владини службеници во пакистанскиот град Пешавар.

Импровизирана направа била подметната под седиштата на автобусот, а експлодирала кога автобусот минувал низ дел од градот во кој се наоѓаат воени институции и резиденции, соопшти полицискиот претставник Абас Маџид Марва.

Друг полициски претставник, Мубарак Зеб, изјави дека при нападот биле искористени осум килограми експлозив.

Засега никој не ја презел одговорноста, но се верува дека нападот го извеле пакистанските талибанци, кои повеќе од една деценија се борат против властите во Исламабад.