Охриѓани ги чествуваат ликот и делото на Григор Прличев

Наредниве два дена во Охрид ќе се одржат низа свечесности во рамките на манифестацијата „Прличеви беседи“, годинава посветени на 122. годишнина од смртта на Григор Ставрев Прличев, еден од најистакнатите македонски писатели на преродбата.

Во охридската библиотека, која го носи името на Прличев, утре, со почеток во 11 часот, ќе биде извршена промоција на компактен аудиодиск за животот на Григор Прличев по објавување на поемата „Сердарот“.

Во Центарот за култура, исто така со неговото име, ќе биде отворена изложба на фотографии од колекцијата на оваа институција, а точно напладне ќе се одржи свечената академија, посветена на наградената поема за 2014 година, „Амбар“ од Славе Банар.

Свеченостите продолжуваат в петок, со полагање свежо цвеќе пред споменикот на Григор Прличев во дворот на истоименото основно училиште, по што во 11 часот ќе се одржи панихида и ќе се положи цвеќе пред гробот на поетот.

Напладне, во Спомен-куќата на Прличев, ќе се одржи културно-уметничка програма, а веднаш потоа пред бистата на поетот кај Библиотеката ќе се положи свежо цвеќе. Во 13 часот, во Библиотеката ќе се одржат беседата и охридската визита.

По повод 155 години од наградувањето на поемата „Сердарот“, Општина Охрид во соработка со охридските основни училишта, во текот на март годинава ќе реализира рецитаторски натпревар, на кој ќе се презентираат творби од творечкиот опус на Григор Прличев и творби од други автори што пишувале за него. По повод натпреварот, на 25 март, градоначалникот Никола Бакрачески на најдобриот рецитатор на симболичен начин ќе му додели Ловоров венец.