Одговори на најчесто поставуваните прашања во однос на субвенциониран студентски оброк

Илустрација: Мета.мк

Исплатата на средствата на студентите кои го остварија правото на субвенциониран студентски оброк во рамки на првиот повик за аплицирање започна на почетокот од месецов.

Со стартувањето на исплатата, дел од студентите реагираа дека и покрај тоа што им бил одобрен субвенциониран оброк, на сметките сè уште не ги добиле првите средства. На трансакциските сметките на други студенти пак, средства за оброк легнале два пати.

Со цел разјаснување на дилемите кои се појавија помеѓу студентите, „Мета.мк“ се обрати до Министерството за образование и наука (МОН) во однос на најчесто поставуваните прашања поврзани со субвенционираниот студентски оброк.

Една од најголемите дилеми кај студентите е дали средствата кои ќе им легнат на трансакциските сметки ќе можат да ги вадат во готовина од банкомат и потоа да плаќаат со нив, како и дали средствата ќе можат да се искористат наеднаш.

Од МОН не даваат конкретни одговори на прашањата, туку посочуваат:

„Средствата се префрлаат на трансакциските сметки на студентите и наша препорака е да се користат за здрави оброци“.

Дел од студентите реагираа дека иако им бил одобрен субвенциониран оброк, сè уште не добиле средства на своите сметки. На прашањето дали овие студенти ќе ги добијат парите во износ од 1.440 денари за периодот 15 септември – 1 октомври, од Министерството велат:

„Исплатата на средствата е во тек и најголем дел од студентите ги добија на своите сметки. На останатите ќе им бидат исплатени во следните неколку денови“.

Од МОН додаваат дека во следните денови ќе им бидат исплатени и средствата на оние студенти кои првично биле одбиени и поднеле приговор, кој потоа бил одобрен од страна на Министерството.

За студентите кои на своја сметка добиле двојна исплата, односно два пати им стигнале средства за субвенциониран оброк, од МОН појаснуваат дека „доколку се случи на некој студент да му се исплати поголема сума од предвидената, при следната исплата истите ќе бидат анулирани“.

Од Министерството појаснуваат и дека се врши редовна проверка на податоците за студентите со факултетите, Управата за јавни приходи и Агенцијата за вработување, што значи дека во случај студентот да го прекине студирањето или се вработи, средствата за субвенциониран студентски оброк автоматски ќе престанат да му се исплаќаат.

Претходно МОН соопшти дека парите кои се уплаќаат на трансакциските сметки на студентите ќе може да се користат за купување на добра и услуги кај сите трговци. Оваа новина е предвидена поради пандемијата и евентуалните рестриктивни мерки.

„Првично усвоеното законско решение предвидуваше средствата да се користат исклучиво во угостителски објекти. Но, со предлог закон е направена измена – средствата да се користат кај било кој трговец, секако со препорака да бидат наменети за набавка на храна. Сега мерките се релаксирани и угостителските објекти работат, но не знаеме што ќе се случува во наредните месеци кога можеби ќе имаме нови рестриктивни мерки, а токму тогаш студентите ќе ги добиваат средствата. Затоа со законските измени овозможуваме ова право да се оствари независно од пандемијата и оброците да се обезбедуваат и од продавници“, појаснуваат од МОН.

Во тек е вториот повик за студенти за аплицирање за субвенциониран студентски оброк. Со првиот повик кој траеше во текот на август, мерката им беше одобрена на вкупно 17.836 студенти.

Првата исплата на средствата изнесуваше 1.440 денари и се однесува на периодот од 15 септември до 1 октомври.

Понатаму, студентите ќе добиваат по 2.400 денари месечно во текот на целата академска година. Финансиската поддршка не е предвидено да се исплаќа во периодот на летниот распуст од 1 јули до 14 септември.