Од понеделник граѓаните ќе добиваат СМС пораки кога ќе им бидат готови пасошите

Покрај ова, граѓаните ќе можат на интернет-страницата mvr.gov.mk да извршат проверка дали нивниот пасош е изготвен

Извор на фотографија: МВР

Со цел да се олесни процесот за подигање на готови пасоши, од понеделник, 19 февруари, граѓаните кои се фотографирале за пасош во објектот на МРТВ или во Полициската станица Пролет во Скопје, ќе добиваат СМС порака откако ќе им биде изготвен пасошот за да дојдат да го подигнат. Вака информираше денеска Министерството за внатрешни работи (МВР).

Покрај ова, граѓаните ќе можат на интернет-страницата mvr.gov.mk да извршат проверка дали нивниот пасош е изготвен.

„Ги молиме граѓаните, доколку немаат добиено СМС порака или доколку на интернет страната на МВР нема потврда дека нивниот пасош е изготвен, да не доаѓаат во објектот на МРТВ затоа што тоа значи дека нивниот документ не е готов“, велат од МВР.

Од Министерството додаваат дека ова важи за граѓаните кои се фотографирале во објектот на МРТВ или во Полициската станица Пролет,  додека граѓаните кои се фотографирале во другите пунктови во Скопје или во другите градови, готовите пасоши ќе ги подигаат на ист начин како и досега.