Од денеска Германија го олеснува влезот за работа во државата

Работниците од земјите кои не се членки на ЕУ од денеска, 1 јуни ќе можат да аплицираат за „карта за шанси“ која им овозможува да дојдат во Германија и да бараат работа до една година. Ова се однесува на жителите на С. Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Албанија и од Косово

Парламентот на Сојузна Република Германија - Бундестаг | Фото: Мета.мк, април 2024 г.

Работниците од земјите кои не се членки на ЕУ од денеска, 1 јуни ќе можат да аплицираат за „карта за шанси“ која им овозможува да дојдат во Германија и да бараат работа до една година. Ова се однесува на жителите на С. Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Албанија и од Косово.

Правилото се однесува на оние кои имаат најмалку две години стручна обука или факултетска диплома која е признаена во државата каде таа квалификација е стекната. За македонските граѓани тоа значи дека може да одат во Германија доколку имаат диплома и квалификација која е признаена и во Македонија, но и во Германија.

Дополнителен услов е определен степен на знаење на германски или англиски јазик. Кога „карта-шанса“ ќе му се одобри на некој работник тогаш тој има право да живее во Германија и во рок од една година да бара и да најде работа. Доколку не го исполни условот и не најде работа тогаш му завршува престојот и важењето на „карта-шансата.

Друг елемент од правилата што ќе стапат во сила од денеска во Германија е проширувањето на прописите за државјаните на земјите од Западен Балкан, соопшти германското МВР.

Според ова правило, работниците од Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Република Северна Македонија, Албанија и Косово можат многу полесно да одат во Германија на неопределено време, и тоа до 50.000 годишно, што е двојно повеќе од претходно, се наведува на сајтот на Министерството.