Од 19 јуни до денеска низ земјава поминале речиси 123.000 мигранти

Во изминатите 24 часа, потврди за искажана намера за барање азил, Министерството за внатрешни работи (МВР) издало на вкупно 2.582 мигранти, од кои најголемиот број, односно 1.827, се сириски државјани.

Според МВР, од почетокот на издавањето на потврдите (19 јуни) заклучно со денеска, вакви документи, со кои им се овозможува 72-часовен легален престој на мигрантите што транзитираат низ територијата на Македонија, им се издадени на вкупно 122.952 странски државјани.

Од нив најголем број се државјани на Сирија, вкупно 89.089, потоа на Авганистан (17.080), Ирак (7.929), Пакистан (3.155), Палестина (1.228), Иран (892), Сомалија (740), Бангладеш (731), Конго (426), Нигерија (229), Камерун (200), Еритреја (168), Етиопија (144) и на Судан (121).

Од јуни, кога стапија на сила измените на Законот за азил и привремена заштита, до денеска, азил во земјава, според податоците на МВР, побарале само 50 лица.