Обвинителство е ова или решето?

Од почетокот на политичката и институционална криза во земјата, која својата увертира ја имаше во акцијата на Министерството за внатрешни работи (МВР) „Пуч“, досега во јавноста протекоа повеќе видеоснимки и материјали направени со посебни истражни мерки (ПИМ), по налог на правосудните органи, а Јавното обвинителство не направи ништо да го запре или, можеби, прави сè објавувањето на материјалите да продолжи.

Јавниот обвинител Марко Зврлевски, пак, ниту еднаш не се појави официјално во јавноста, на прес-конференција, со изјава или објаснување на конкретните случаи.

Материјалите обезбедни со ПИ-мерки, според Законот за кривична постапка, имаат одреден степен на тајност додека трае правосудната постапка, а по нејзиното завршување се уништуваат.

Со нивно откривање се компромитира целата постапка и за тоа законот предвидува службена одговорност и санкции.

Но, и покрај законот и последиците, во јавноста, преку видеосервисот „Јутјуб“ и преку некои медиуми, протекоа:

  • Видеоснимки од тајната средба меѓу премиерот Никола Груевски и лидерот на опозицијата, Зоран Заев, во кабинетот на премиерот, кои, како што изјави и самиот премиер, биле направени со ПИ-мерки. Снимките во серијал се појавуваат на „Јутјуб“. Снимките се сè уште на видеосервисот;
  • Видеоснимки од средба меѓу Љубе Бошкоски и непознато лице, направена пред неговото апсење во јуни 2011 година. Снимките, исто така, се објавени на „Јутјуб“ и сè уште се на видеосервисот;
  • Скајп-комуникација меѓу Зоран Верушевски и петтоосомничениот во акцијата „Пуч“, Ѓорѓи Лазаревски, материјал објавен во дел од медиумите;
  • СМС-комуникација меѓу членовите на семејството на Зоран Верушевски, чија содржина, според некои медиуми, била криптирана, односно Верушевски разговарале меѓу себе во шифри. Медиуми објавија дека инкрипцијата ја пробиле форензичарите на МВР, а материјалот е дел од постапката против Верушевски во случајот „Пуч“;
  • Снимка од средба меѓу лидерот на опозицијата, Зоран Заев, и струмички бизнисмен, во кабинетот на Заев, на која, според објавениот видеозапис, струмичкиот градоначалник бара поткуп. И оваа снимка е дел од доказите што Обвинителството ги има против Заев во правосудната постапка што се води против него.

На 3 февруари, непосредно по протекувањето на првите снимки од ПИ-мерки, Јавното обвинителство излезе со соопштение во кое тврдеше дека ќе испита кој ги пуштил снимките.

„Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција во согласност со своите овластувања ќе изврши проверки во врска со фактите и со околностите под кои материјалите од средбата помеѓу претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски, и лидерот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Зоран Заев, дошле до медиумите. Обвнителството побара од МВР да контактира со „Јутјуб“ за да ги отстрани видеоснимките од средбата Груевски – Заев“, беше наведено во соопштението на Обвинителството.

Од почетокот на политичката криза, која се оценува како една од најсериозните од осамостојувањето на земјата, јавниот обвинител Марко Зврлевски ниту еднаш не се појави официјално во јавноста, на прес-конференција, со изјава или објаснување на конкретните случаи.