Обесшумувањето во Амазон намалено за третина

Забележано е 33,4 отсто помалку обесшумување во првите шест месеци на претседателството на Луиз Инасио Лула да Силва, во споредба со истиот период изминатата година

Фото: Renaldo Matamoro на Unsplash

Бразилската влада извести дека во првите шест месеци на оваа година, за време на претседателствувањето со земјата на Луиз Инасио Лула да Силва, во Амазон се исекле дрва на површина од 2.649 квадратни километри. Во истиот период претходната година, таа цифра изнесувала 3.988 квадратни километри, пишува Би-би-си.

Лула има ветено дека до 2030 година ќе стави крај на обесшумувањето на бразилските шуми. Тој сака Бразил да се оттргне од политиките на неговиот крајнодесничарски претходник Жаир Болсонаро. На пример, Болсонаро го охрабруваше копањето рудници во територии кои припаѓаат на домородни населенија.

Амазонската дождовна шума претставува многу важен фактор во борбата против климатските промени во светот, збогатувајќи го воздухот со кислород и апсорбирајќи јаглерод диоксид. Често е наречена „белите дробови на Земјата“. Освен за тие глобални придобивки од шумата, таа е исто важна поради богатиот пејзаж на флора и фауна кои живеат во неа.

Обесшумувањето во Бразил најчесто се практикува за да се направи простор за пасишта за крави.

Но, патот на опоравувањето на состојба на животната средина во Бразил е долг. Забележани се 3.075 пожари, највисока бројка од 2007 година. Дополнително, и покрај намалувањето на обесшумувањето, сепак се исечени дрва на површина која е повеќе од четири пати поголема од Њујорк.