Објавен огласот за јавно-приватно партнерство за изградба на гасоводната дистрибутивна мрежа

Министерството за економија вчера го објави Јавниот оглас за доделување на договор за воспоставување на јавно-приватно партнерство за финансирање, проектирање, изградба, управување, одржување и развивање на дистрибутивниот систем на природен гас, информираше министерот за економија Крешник Бектеши.

„Со овој јавен повик започнува првата фаза во постапката за ангажирање на приватен парнтнер за изградба на дистрибутивниот систем за природен гас на целата територија на државата. Според јавниот повик оваа фаза ќе трае 120 дена, односно сите заинтересирани инвеститори ќе имаат рок до 9 јуни да аплицираат, по што ќе следи отварањето на понудите,“ рече Бектеши.

Како што потенцираше министерот реализацијата на овој проект е околу 300 милиони евра и ќе се спроведе во три фази во однапред утврдена динамика.

„Според условите во огласот, заинтересираните инвеститори треба да имаат најмалку пет години искуство во дистрибуција на природен гас, компанијата која што ќе аплицира на јавниот повик исто така ќе треба да има најмалку 100 илјади корисници приклучени во нивниот систем за дистрибуција,да има дистрибуирано најмалку три милијарди метри кубни , во последните три години, и најмалку 150 милиони евра годишен приход во последните три години“, додаде Бектеши и потенцираше дека очекува целата постапка за избор на инвеститор да заврши до четвртиот квартал годинава.

По доставување на апликациите ќе следува втората фаза во која ќе бидат повикани сите заинтересирани компании на конкурентен дијалог каде ќе ги дистават своите финансиски понуди доколку ги исполнуваат условите дадени во првата фаза.

Директорот на АД „Национални енергетски ресурси“, Бајрам Реџепи информираше дека во крајна фаза е изградбата на магистралниот гасовод низ државата, односно до средината на годината треба да биде целосно завршен, а интензивно се работи на интерконективните приклучоци со соседните земји.

„Веќе се создадени поголемиот дел од условите за да донесеме гас до сите домаќинства што е целта и на оваа Влада, а тоа да биде и евтино. Очекуваме дека до крајот на годината веќе ќе имаме договор за воспоставување на јавно-приватно партнерство со што очекуваме дека во четвртиот кватртал ќе почнеме со изградба во неколку градови, но секако дека следната година ќе биде година на масовна изградба на дистрибутивната гасоводна мрежа во државата,“ рече Реџепи.

Според Реџепи, целата градба ќе трае околу четири години и според физибилити студијата приватниот партнер кој што ќе биде избран ќе има обврска во рок не повеќе од четири години од добивање на секое поединечно одобрение за градење да изгради најмалку 50 проценти во градските општини и најмалку 20 проценти во руралните општини од предвидената примарна дистрибутивна мрежа на природен гас.

„Еден од условите во јавниот повик е приклучокот за домаќинствата да не чини повеќе од 100 евра, но внатрешната адаптација на домашните уреди според физибилити студијата пресметано на стан од околу 85 метри квадратни ќе чини околу 1.500 евра во просек, но очекувам дека трошоците ќе бидат помали поради големата конкуренција во овој сектор,“ информираше Реџепи.

Тој потенцираше дека во моментов има голем интерес кај повеќе странски компании кои ќе се јават на јавниот повик за што очекува успех во спороведување на јавниот повик.