Нуредини: До крајот на годинава ќе биде донесен Законот за климатска акција

РЕК Битола | Фото: ЕСМ

Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини во денешното обраќање на „Македонски енергетски форум 2021: Мапирање на енергетската иднина“ (МЕФ) изјави дека до крајот на годинава ќе биде донесен Законот за климатска акција. Овој потег ќе следи по неодамнешното усвојување на Долгорочната стратегија за климатска акција.

Нуредини укажа и на мошне амбициозниот Национален придонес кон договорот од Париз, со кој како држава поставивме цел до 2030 година да ги намалиме емисиите на стакленички гасови за 52 проценти, или нето од 85 проценти до 2030 година, во споредба со 1990 година.

Според Нуредини, неодамнешните природни непогоди предизвикани од климатските екстреми, како што беа поплавите во Њујорк, пожарите што ги зафатија нашите шуми и слично, јасно го покажуваат лицето на климатските промени и на потребата од концетрирање на ублажување на овие настани и градење на инфраструктура отпорна на последиците од климатските промени.

Тој го даде примерот со поплавите, каде анализите покажале дека трошоците за ублажување на поплави финансиски се многу поголеми од трошоците за штетата што може да ја предизвикаат или за потенцијална загуба на животи.

„За земја во транзиција звучи како многу амбициозен план, сепак ние сме посветени да го зголемиме својот удел во производството на обновлива енергија, со инвестирање во соларна енергија, енергија од ветер, во изградба на Чебрен, голема ХЕ која треба да обезбедува повеќе од 300 мегавати електрична енергија што ќе игра клучна улога во балансирањето на нашата електрична мрежа. Понатаму, ние сме посветени да имаме разновидно портфолио за производство на енергија. Инвестирањето во гасоводите и инфраструктурата за дистрибуција на гас ќе помогне во транзицијата од нашите погонски горива РЕК Осломеј и особено од РЕК Битола. Наша цел е да го исклучиме РЕК Битола најдоцна до 2030 година“, рече Нуредини.

Од друга страна напуштањето на јагленот како гориво и инвестирањето во обновлива енергија има силно влијание и врз решавањето на проблемот со загадувањето на воздухот.

„Треба да го разгледаме прашањето за енергетска ефикасност и поддршка на нашите граѓани да инвестираат во своите домови. Со ова не мислам само на индивидуалните домаќинства, туку и на многу институционални згради. Ги задолживме сите наши државни институции и им препорачавме на нашите општини да ги идентификуваат и мапираат сите згради што користат не користат еколошки системи за затоплување и каде што можат да инвестираат во енергетска ефикасност. Исто така, побаравме институциите да предвидат средства во нивниот буџет“ нагласи Нуредини.