Нова уметничка герила акција против дезинформациите – „На лагата ѝ расте носот“

„Пинокио не би преживеал во морето на дезинформации“, вели авторот на герила акцијата, уметникот Ѓорѓе Јовановиќ

Фото: Центар за современи уметности

Пешаците кои ќе ја поминуваат „Партизанска“ денеска ќе сретнат една герила уметничка инсталација. Станува збор за уметничко дело на уметникот Ѓорѓе Јовановиќ, кое цели да ја истакне опасноста на дезинформациите.

„На лагата ѝ расте носот“ претставува просторна уметничка акција и интервенција преку која Јовановиќ ја третира темата на дезинформации кои се присутни насекаде околу нас и оневозможуваат цели групи и заедници да ја видат вистината, заслепувајќи ја јавноста со шарени лаги спакувани во лажни вести на кои наседнуваат голем број граѓани, велат од Центарот за современи уметности.

Фото: Центар за современи уметности

Ова дело е едно од низата уметнички акции на групата урбани уметнички акции (урбана герила), преку кои македонски уметници активно се вклучуваат во борбата против лажните вести.

Според Јовановиќ, во турбулентните периоди низ кои поминуваме, во кои наместо вистината доминираат лаги и манипулации, а наместо доблестите доминираат лажни вредности, секој треба да го прави она што најдобро знае.

„Самата инсталација претставува ликовна комбинација на знакот за пристап до интернет мрежата, во која на едната страна е поставен ликовен приказ на човек кој работи на компјутер и креира лажни содржини кои потоа преку интернет ги шири во онлајн просторот. На другиот крај на композицијата знакот за интернет се трансформира во лик со голем нос, асоцирајќи на носот на Пинокио, односно ја потенцира опасноста од праксата на ширење на лажните вести во онлајн просторот“, велат од Центарот за современи уметности.

Дополнително, покрај уметничкото дело стои текст на кои се побиени митови за Европската Унија. На пример, честа дезинформација која се шири по социјалните мрежи е дека Европската Унија цели да го уништи суверенитетот на индивидуални земји, додека вистината е дека има механизми преку кои се одредува дали некоја одлука ќе биде спроведена на локално, државно или европско ниво.

Уметничкото дело е изработено во рамките на проектот „Дезинформации – креативно замаглување на умот“, што заеднички го спроведуваат Центар за современа уметноста, СКУП – Центар за истражувачко новинарство и Националното радио Канал 77.
Проектот е поддржан од Програмата за дигитален активизам на TechSoup Global.