Николовски: Преку „Платежна агенција“ се даваат субвенции на блиски на фамилијата

„Се наоѓаме пред зградата на фамозната „Платежна агенција“ за распределба на земјоделските субвенции. Зад овие врати е најтаинствената и најбитната институција во секторот земјоделство, за братучедите Никола Груевски и Сашо Мијалков“, обвини Љупчо Николовски, дополнителен заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство.

„Преку оваа контроверзна институција се распределуваат милионски суми на земјоделски субвенции на луѓе блиски до фамилијата. Со потписите на директорите на агенцијата, министерот за финансии, кумот Зоран Ставрески, а по налог на Груевски, милиони евра завршуваат кај новопечени агробизнисмени и богаташи, блиски до фамилијата. Од субвенциите за земјоделците пари земаат и пратеници, нивни фирми, директори и раководители. Затоа уште од првиот ден со влегувањето во министертсвото писмено побаравме да видиме колку пари се предвидени и се потрошени, односно кој сè има добиено од парите на земјоделците, но одговор не добивме“, вели Николовски.

Тој додава дека ова е прекршување на Договорот од Пржино и дека мора да се знае секој денар на граѓаните каде е потрошен.