Николовски: На Кванташки се продаваат отровни краставици

Минатата недела на барање на потрошувачите и на домашните раноградинари, до Државната фитосанитарна лабораторија доставивме примерок од увозни краставици произведени од областа Лушна, Албанија, а купени на Кванташки пазар за да се испита присуството на пестициди, изјави денеска на прес-конференција, дополнителниот заменик-министер за земјоделство во оставка, Љупчо Николовски.

Тој рече дека резултатите од анализите биле загрижувачки и алармантни.

– Испитувањата и анализите покажаа дека увезената краставица од Албанија содржи двојно повеќе пестициди отколку што е дозволено, односно покажа присуство на активна супстанца металаксил, која е отровна. Податоците за увозникот и за извозникот ќе бидат службено доставени до надлежните институции. Останува отворено прашањето зошто затаила контролата при увозот и кој дозволил овие отровни краставици да завршат на домашниот пазар. Дали сите фирми увозници се контролираат еднакво и како граѓаните, односно потрошувачите да имаат доверба во институциите што ги плаќаат – праша Николовски.

Дополнителниот заменик-министер во оставка рече дека ќе го следат случајот и ќе ја информираат јавноста за понатамошните случувања.