Нереди низ Велика Британија, премиерот Стармер го осуди „екстремно десничарското силеџиство“

Сторителите ќе се соочат со целата сила на законот, порача британскиот премиер Кир Стармер

Запалена полициска станица во Сандерлен (3 август 2024) / фото: принтскрин од видео на „Х“

Британскиот премиер Кир Стармер вчера го осуди она што тој го опиша како „екстремно десничарско силеџиство“ и рече дека сторителите ќе се соочат со целата сила на законот, по неколкудневните насилни антиимиграциски протести кои кулминираа со напади на хотели.

Насилни протести избија во градовите ширум Велика Британија, откако три девојчиња беа убиени во напад со нож на детски час по танц во Саутпорт во северозападна Англија минатата недела.

Убиствата беа искористени од страна на антиимигрантските и антимуслимански групи откако се раширија дезинформации дека осомничениот напаѓач е имигрант и радикален исламист, пренесува Ројтерс.

Протестите првично беа предизвикани од тврдења на социјалните мрежи дека напаѓачот е барател на азил кој пристигнал на островот со брод преку Ла Манш.

Полицијата соопшти дека осомничениот е роден во Британија и дека случајот не се води како терористички инцидент.

Протестите се проширија низ повеќе градови, вклучително и Ливерпул, Бристол и Манчестер во саботата, што резултираше со десетици апсења, додека продавниците и бизнисите беа вандализирани и ограбени, а неколку полицајци беа повредени.

Вчера, пак, стотици антиимигрантски демонстранти се собраа во хотел во близина на Ротерхем, северна Англија, во кој британскиот министер за внатрешни работи рече дека се сместени баратели на азил.

Демонстрантите, од кои многумина носеле маски, фрлале цигли кон полицијата и искршиле неколку прозорци на хотелот, велат сведоци за Ројтерс.

Стармер ги осуди ваквите дејствија, додавајќи дека станува збор за криминално насилство, а не легитимен протест.

Нереди вчера се случуваа во помали градови како Ланкастер, Болтон и Алдершот.

Полицијата соопшти дека во саботата биле уапсени 147 лица, а во наредните денови ќе следат уште повеќе апсења.

Во Болтон, муслимански групи кои извикувале „Алаху Акбар“, се судриле со екстремно десничарските бунтовници.

Стармер, кој ја презеде функцијата премиер пред само еден месец, откако Лабуристичката партија победи на изборите, рече дека жителите се во „апсолутен страв“.

Јавноста беше повикана да ја избегнува областа околу хотел во Тимворт во централна Англија, откако локалната полиција рече дека голема група поединци фрла проектили, крши прозорци, предизвикува пожари и ја гаѓа полицијата.

Министерката за внатрешни работи на Велика Британија, Ивет Купер рече дека затворите се подготвени за „насилното малцинство криминалци“, пренесува Гардијан.

„Јасно ѝ кажавме на полицијата дека ја имаат нашата целосна поддршка во спроведувањето на целиот опсег на гонења и казни, вклучително и сериозни затворски казни, забрани за патувања и друго“, изјави Купер.

За Би-би-си Радио 4, таа рече дека судовите се на „стендбај“ и дека очекува да се спроведе брза правда.

Се очекува Даунинг стрит денеска да одржи состанок за итен одговор на нередите.