Нелоски: СДСМ укинувајќи ги дисперзираните студии уништи благородна идеја

„СДС ги укинува дисперзираните студии на дел од високо образовните установи, без притоа да направи анализа на досегашните резултати, без да го почитува високиот интерес за овој тип студии и, конечно, без да спроведе, како што често милуваат да кажат – јавна дебата за носење на оваа одлука“, обвини Владимир Нелоски, член на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, на прес-конференција во партиското седиште.

– Владата предводена од Социјалдемократскиот сојуз продолжува со спроведувањето на катастрофалните политики кои единствено предизвикуваат штети во однос на интересите на граѓаните во сите општествени сфери, ограничувајќи ги притоа нивните можности, права и бенефиции кои им биле достапни во изминатите десетина години. Достапноста на образованието се овозможи со неколку крупни чекори, како петкратното намалување на партиципациите, отворањето на трите нови државни универзитети и 32 факултети и, конечно, отворањето на дисперзираните студии кои се покажаа како извонредна можност која секоја година ја искористуваа околу 15 отсто од вкупниот број граѓани што го продолжуваа образованието на високо образовна установа. Во реална бројка, тоа се годишно од 2.000 до 2.500 студенти кои наместо да патуваат секојдневно или да се преселат во друг град поради уписот на факултет, одлучуваа да студираат во своето родно место, односно место на живеење или во неговата непосредна околина – рече Нелоски.