НЕ за владини кампањи во медиумите и злоупотреба на ЕУ знамето – став на новинарските здруженија

Професионалните новинарски здруженија и граѓански организации од медиумскиот сектор категорично им се спротивставуваат на обидите за повторно враќање на државното рекламирање во медиумите

Илустрација: ЗНМ

Професионалните новинарски здруженија и граѓански организации од медиумскиот сектор категорично им се спротивставуваат на обидите за повторно враќање на државното рекламирање во медиумите. Тие сметаат дека предложените измени ќе бидат исклучително штетни за медиумскиот плурализам, независноста на медиумите и слободата на новинарите и медиумските работници во Македонија.

Во заедничкото соопштение на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), Македонскиот институт за медиуми (МИМ), Институтот за истражување на општествениот развој (РЕСИС), Институтот за комуникациски студии (ИКС) и Центарот за развој на медиумите (ЦРМ) се вели дека одлуката дополнително ќе ја засили коруптивната и клиентелистичка култура во медиумскиот систем и, како таква, ќе му направи штета на јавниот интерес и доброто владеење.

Реакцијата следува откако пред два дена, пратениците од сите политички партии, со исклучок на Левица, ја поддржаа потребата од донесување на измените на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги по скратена постапка, со европско знаменце. Со овие законски измени, ќе се овозможи одлив на милиони евра од државниот буџет за организирање на владини и општински кампањи во телевизиите и радио-станиците.

Од медиумските организации велат дека посебно е загрижувачки тоа што е злоупотребена собраниската процедура за да се усвојат измените на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ЗААМУ) по скратена постапка.

Употребата на инструментот „Европско знаменце“ е, сметаме, недозволива во овој случај, бидејќи предложените измени немаат поврзаност со нужните реформи кои треба да водат кон хармонизација на медиумските закони на земјата со регулативите на Европската Унија. Конкретно, сметаме дека одлуката за овие законски измени да се расправа во скратена постапка е вон-стандардна постапка која има цел да ги задоволи барањата на тесна група од интерес, при што целосно се занемарени забелешките и барањата на новинарските професионалци, на меѓународните организации, како и на независните експерти ангажирани од ЕУ во процесот на медиумските реформи, сметаат медиумските здруженија и организации.

Тие велат дека токму предложените измени се спротивни на многу препораки и документи на Советот на Европа, на предложената Регулатива на Европската комисија за слобода на медиумите, на правилата на ЕУ за државна помош и на низа други документи.

Затоа, зачудува објаснувањето на министерот Азир Алиу кој тврди дека предложените измени се во согласност со правото и стандардите на ЕУ, стои во заедничкото соопштение.

За враќањето на овие погрешни политики во медиумскиот сектор, што претходно беа силно критикувани од сегашните партии на власт, предупредува и групата меѓународни здруженија и медиумски организации во неодамна објавениот Извештај од Мисијата за проценка на состојбата со слободата на медиумите во земјава, нагласувајќи дека: „државните рекламни кампањи носат со себе големи ризици за нарушување на уредувачката независност“. Во овој извештај, но и во препораките на ЕУ експертите, се нагласува и дека најсоодветна финансиска поддршка на медиумите во националниот медиумски контекст е формирањето Фонд за плурализам во медиумите, за што постојат повеќе успешни модели во Европа.

Според законските измени кои го поминаа второто читање во Собранието, распределбата на средства за државни кампањи во медиумите ќе се врши исклучиво на телевизиите, радио станиците и на продукциските куќи за изработка и продукција на идејни решенија и финални презентации на државни кампањи.

Средствата за емитување на државните кампањи на државно ниво ќе се распределуваат на начин што 65 отсто од средствата на годишно ниво ќе се насочат петте приватни национални телевизии „Телма“, „Канал 5“, „Сител“, „Алфа“ и „Алсат- М“. Потоа, 25 отсто од средствата ќе се распределуваат на телевизии кои емитуваат преку сателит и радија на државно ниво.

Преостанатите 10 отсто од средствата на годишно ниво за државни кампањи ќе се насочат кон покривање на нивното емитување на телевизиите на регионално и локално ниво.

Според предложените законски измени, владата во текот на една година ќе може да организира најмалку една државна кампања на државно ниво.

Пратеник за пратеник, медиуми за пари – државните кампањи ќе се гласаат по скратена постапка